Порталб: 5 месеци пред изборите, од Општината велат дека ќе се отвори булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово

Фото: Порталб

По скоро осум години непроменета состојба, шест месеци пред изборите, Општина Тетово се активира за да ги заврши работите на булеварот „Благоја Тоска“. Од општината вчера соопштија дека експропријацијата на сите имоти е завршена додека на сопствениците им е врачена одлуката за уривање на објектите и дека овој булевар ќе биде отворен за време на овој мандат. Новинарот на Порталб.мк вчера беше на терен, каде што утврди дека работите за отворање на булеварот сè уште не се започнати.

Општина Тетово уште нема срушено ниту една куќа за отворање на булеварот „Благоја Тоска“, што се ветува уште од кампањата на сегашната градоначалничка Теута Арифи во 2013 година.

Сепак, од Општината веруваат дека до крај на мандатот булеварот ќе биде отворен.

„Експропријацијата е извршена. Одлуките за рушење им се доставени на сопствениците, и доколку излезете на терен ќе забележите дека некои од нив почнале сами да ги рушат објектите. Објектите што не ги срушиле сопствениците ќе ги сруши општината. Да, за време на овој мандат“, изјавија од Општина Тетово.

Образложението на општината за незапочнување на работите е имотно-правниот спор меѓу двајца членови на едно семејство. Еден од нив за Порталб.мк вчера изјави дека не е точно дека тој го попречува почетокот на работите.

Новинарот на местото на настанот разговараше со една од страните која, според општина Тетово, е една од причините за незапочнување со работа на булеварот и формирање на комисија за „Благоја Тоска“.

Според него, конфликтот што го има со еден член од неговото семејство не го попречува во ниту еден момент почетокот на работите за отворање на булеварот, тој потенцира дека тоа му го кажал и на претседателот на општинскиот совет, Беким Мемети.

„Да, вистина е дека има имотно-правен судир, постои тенденција да се изгради нешто незаконско без моја согласност, што не е дозволено. Како и да е, јас никогаш не би спречил почеток на работите за булеварот Благоја Тоска, дури го охрабрувам почетокот на работите, и изјавите од општината не се точни“, рече тој за Порталб.мк.

Општина Тетово постојано ветува, но не ги открива причините зошто работите се одолговлекуваат

Општинските власти и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, постојано го избегнуваат прашањето зошто работите на терен за уривање на зградите сè уште не се започнати, со оглед на тоа што експропријацијата на зградите беше завршена, а жителите се обесштетени за ова.

„Комисијата за Благоја Тоска“ одржа само една средба, и понатаму е неефикасна.

Со цел да се „смират страстите“ на незадоволните жители од обесштетувањето поради уривањето на нивните куќи, општина Тетово на 28 јануари формираше комисија за „Благоја Тоска“.

Иако оваа комисија е формирана пред повеќе од три месеци таа, досега, само еднаш била на терен за да разговара со жителите на населбата, и тогаш, според информациите на Порталб, разговорот не дал никаков ефект.

Истакнуваме дека доколку оваа комисија не стане функционална за да склучи договор помеѓу горенаведените незадоволни страни, постои ризик нивната постапка да оди на суд и со тоа има ризик да се одложи процесот на отворање на булеварот.

Кои се членовите на „Комисијата за булевар Благоја Тоска“?

Порталб.мк ја обезбеди одлуката за формирање на комисијата, во која се наведени имињата на членовите кои треба да излезат на терен и да ги решат конкретните спорови за отворање на булеварот, а во одлуката се потенцираат и обврските на истата.

Станува збор за вкупно 7 члена, меѓу кои: Беким Мемети (ДУИ), Горан Јовановски (ВМРО-ДПМНЕ), Бесар Дурмиши (Движење БЕСА), Ариф Селами (АА), Аднан Билали (ДПА), Живе Алексовски (СДСМ), Минире Адеми (ДУИ).

Маратон на ветувања од Теута Арифи за булеварот „Благоја Тоска“

  • Година 2014 година

Во првиот мандат на градоначалничката Арифи, отворањето на булеварот се сметаше за еден од приоритетите на нејзината програма.

Дури од Советот на општина Тетово беа толку сигурни дека овој проект ќе биде завршен во првите две години од мандатот на Ариф, што тие го буџетираа истиот за 2014 година и ја поделија работата во две фази, при што во 2015 година се очекуваше булеварот целосно да биде отворен.

Приоритет на Општина Тетово за 2014 година е отворањето на булеварот „Благоја Тоска“ и тоа ќе се направи во две фази во 2014 година и во 2015 година, мислам дека ќе започнеме во близина на мостот на болницата за да го отвориме преостанатиот дел“, рече Теута Арифи за Порталб.мк во 2014 година.

  • Година 2015 година

2014 година помина, а работите за отворање на булеварот сè уште не беа започнати, на крајот на 2015 година Општина Тетово соопшти дека интензивно работат на решавање на овој проблем.

„Отворањето булевар и пробивот во населени области е важна работа и чувствителна акција, затоа работиме интензивно и со големо внимание да го решиме овој проблем и да започнеме со работа што е можно побрзо“, велат од Општина Тетово.

А врз основа на проектот за отворање на булеварот, за кој беше издвоен буџет во 2014 година, беше предвидено неговото отворање да биде во 2015 година, тоа не се случи.

  • Година 2016 година

Бидејќи помина и 2015 година и ниту еден камен не беше поместен за отворањето на булеварот, во Општина Тетово беа сигурни дека во 2016 година ќе се најде решение за реализацијата на овој проект.

Во програмата за 2016 година ја имаме реализацијата на булеварот „Благоја Тоска“ во износ од 30 милиони и 500 илјади денари. Се надеваме дека оваа година ќе се најде подобро решение за да почнеме со реализацијата на овој проект“, рекоа од Секторот за градежно земјиште во Општина Тетово, на крајот на 2015 година.

Во меѓувреме, дури и во 2016 година оваа работа не беше завршена а од Општина Тетово, од оваа година до денес, образложението за неотпочнување на работите во овој булевар е исто.

„Имавме проблеми при експропријацијата и исплатата на имотите што треба да се срушат, еден дел од работите ќе започнат наскоро“, рекоа од Општина Тетово во 2016 година.

  • 2017 година

Во текот на оваа година, образложението за неотворањето на булеварот беше исто како и претходната година, односно поради тоа што има проблеми во постапката за експропријација и легализација на имотите.

„Застоите што се случија во оваа насока беа заради експропријацијата на имотите на булеварот. Врз основа на Законот за легализација, имотите што не беа легализирани, не можеа да бидат предмет на експропријација и имавме тешкотии како да постапиме со овие имоти за да го отвориме булеварот“, изјавил за весникот Коха, тогашниот претседател на Советот на општина Тетово, Хисен Џемаили.

  • 2018 година

Во 2018 година раководителот на Секторот за улици и градежно земјиште на општина Тетово рече дека интензивно работат на отворањето на булеварот, бидејќи како што истакна, ова „станала голема тема“.

„Бидејќи работава со булеварот „Благоја Тоска“ стана многу голема тема, ние работиме интензивно и очекуваме во блиска иднина да можеме да ја завршиме документацијата и да започнеме со работа“ рече Арсим Нуредини од општина Тетово.

Додека за Порталб.мк истата година од општинава нè уверија дека овој проект ја поминал тендерската постапка и дека целиот проблем лежи во експропријацијата.

  • 2019-2020 година

Откако беа направени првите чекори за отворањето на булеварот во 2018 година, односно некои касарни беа срушени и од општина Тетово ни рекоа дека отворањето на булеварот ќе се случи во јуни истата година, оттогаш ништо не е преземено.

Инаку, состојбата во овој булевар моментално е бедна, таму може да се види сè, автомобили, кал, нечистотија, корисници на дрога… но не и градежна машинерија. Неговото отворање ќе биде еден од најефикасните начини за олеснување на оптоварениот сообраќај во Тетово.