Попоски побарал заедничка седница на владите на Македонија и на Албанија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, упатил покана преку својот колега од Република Албанија, Дитмир Бушати, за одржување заедничка седница на владите на двете земји во првата половина на 2015 година, соопшти македонското МНР. Притоа било договорено да се почне со подготовки на ниво на политички директори и со поставување временска рамка за одржување.

Министерот Попоски вчера престојуваше во посета на Република Албанија, на покана на својот албански колега, при што беше примен од претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, и од премиерот Еди Рама.

Во разговорите биле потврдени добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија. Заеднички било констатирано дека двете земји споделуваат исти интереси на надворешно-политички план во однос на европската и на регионалната соработка.

Министрите се согласиле дека политичката соработка е на одлично ниво и би сакале истата, со еднаков интензитет, да се пренесе и на економски план. Притоа било констатирано дека тоа може да се оствари преку реализација на конкретни проекти во инфраструктурното поврзување, патната и железничката мрежа и енергетиката. Тоа ќе стимулира трговска размена и зголемен интерес за инвестиции. Конкретни решенија во оваа насока се комплетирањето на Коридорот 8 и 24-часовно отворање на преминот Џепиште – Требиште.