Поетите Шунтаро Таникава и Џерардо Мазучо се годинешните лауреати на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“

Фото: СВП, лево Шунтаро Таникава, десно Џерардо Мазучо

Денеска во просториите на Македонската академија на науките и уметностите се одржа свечениот настан по повод соопштувањето на годинешните лауреати за две од трите награди на престижниот меѓународен поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Добитник на главната награда на фестивалот, „Златен венец“ за 2022 година е најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава.

Во одлуката на Управниот одбор на СВП, претседателката, проф. д-р Елизабета Шелева се вели дека лапидарната релјефност на неговиот глас и кондензираноста на мигот е темелна црта што го одвојува Шунтаро од поетичките тенденции на Западот. Од таму истакнуваат дека поетот Шунтаро ја гради својатa поетика, препуштајќи ѝ се на гравитацијата на метафизичното, длабоко расекувајќи го емпириското ткиво на јазикот.

„Тој од јазикот за поезија ја гради поезијата на јазикот. Поетскиот глас на Шунтаро се отелотворува во безграничниот простор меѓу ендемичниот (честопати еретичен и етеричен) лиризам и славењето на антипоезијата, која се спротивставува на традиционалните поетски структури, мотиви и стилови. Исчистеноста од метафори наспроти силниот сјај на сликите во неговото творечко огледало, го носи Шунтаро назад, кон „колибата“, под дрвото на хаику-мајсторот Башо“, потенцираат од одборот на СВП.

Во знак на благодарност, поетот Таникава кон македонската јавност се обратил со зборовите: „Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и заедно со радоста и гордоста кои ги чувствувам бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Староста постепено ме лишува од слободните телесни движења, но пак за чудо, мојот ум се движи сè полесно, како да му пркоси на ова ограничување. По некое правило, човечките години ги споредувам со прстените на едно дрво. А староста ми наликува како да се движам наназад кон центарот на тие прстени со секоја наредна година. Сега сонувам да имам зборови, изнедрени од телото и умот, како некој разговор помеѓу заљубените, настрана од нормалното значење на зборовите“.

Добитник на наградата за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор (под 35 години), „Мостови на Струга“ за 2022 година е италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

Поетот Мазучо е основач на издавачката куќа „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција и белетристика. Тој е номиниран за шест книжевни награди и добитник на најважната италијанска награда за поетски дебитанти – 32-то издание на „Премио Камаиоре“, како и 61-то издание на „Премио Сан Доменикино“ за најдобро поетско издание на годината.

Неговата прва книга е „Дотука живееше човек“, која се стекнува со критички и комерцијален успех на национално ниво. Со својот буден, одмерен и препознатлив стил, книгата е инвентивно поетско сведоштво за живот обележан од минливоста на врските и љубовта, кога поетот станува исповедник на сопствената „фрленост во светот”.

Наградите на лауреатите ќе им биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвидено да се одржи од 24 до 29 август.

Покрај церемонијалниот настан, од страна на истакнати поети – членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и на Друштвото на писателите на Македонија преку поетско читање беше одбележан и 21 март – Светскиот ден на поезијата.

Минатогодишен лауреат на меѓународното признание „Златен венец“ беше британската поетеса Керол Ен Дафи, а на наградата „Мостови на Струга“ беше српскиот поет Владан Кречковиќ.