СВП ќе ги соопшти лауреатите на Светскиот ден на поезијата в понеделник

Струшки вечери на поезијата. Фото: Фестивал СВП

Во рамките на главното одбележување на Светскиот ден на поезијата в понеделник со почеток во 11 часот во МАНУ, Меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) ќе ги соопшти имињата на лауреатите на две од трите најголеми награди за 2022 година : „Златен венец“ и „Мостови на Струга“, која се доделува на млад поет.

На манифестацијата за одбележување на Светскиот ден на поезијата, која заеднички ја организираат СВП, Друштвото на писателите на Македонија и Македонскиот П.Е.Н. Центар, предвидено е поетско читање на кое ќе настапат истакнати поети – членови на Македонскиот ПЕН Центар и на Друштвото на писатели на Македонија.

Наградата „Златен венец“ на СВП е востановена во 1966 година. Oд таа година до 1971 година се доделува за најдобра необјавена песна прочитана на фестивалот. Од 1971 година „Златен венец“ се доделува за целокупен поетски опус. Минатогодишен лауреат беше британската поетеса Керол Ен Дафи.

Наградата „Мостови на Струга“ се доделува од 2003 година, за најдобра поетска збирка од поет-дебитант од светот, односно добитниците се млади поети. Минатогодишен лауреат е српскиот поет Владан Кречковиќ.