Податоци за милиони корисници, најголем дел од Линкдин, објавени за продажба на хакерски форум

фото: Arget на Unsplash

Речиси една недела од протекувањето на податоците за 533 милиони корисници на Фејсбук, нов огромен број на записи се шират помеѓу хакерите низ интернет просторот, од кои најголем дел се преземени од социјалната мрежа Линкдин.

Архива која наводно содржи информации за 500 милиони профили од Линкдин е ставена за продажба на форум наменет за хакери, а како доказ за поседувањето на податоците авторот јавно објавил 2 милиони записи, тврдат истражувачи на „Сајберњуз“.

Објавените податоци содржат информации со имињата на корисниците, нивите електронски адреси, телефонски броеви, работни места, како и линкови до нивните профили на Линкдин и други социјални мрежи.

Авторот кој ги поседува податоците, на форумот пишува дека доказот со записите го продава за два американски долари, додека за целосната база бара да му понудат „четирицифрена сума“.

Социјалната мрежа Линкдин вчера излезе со соопштение за случајот и тврди дека податоците се собирани од повеќе места, а не само од нивната платформа и дека станува збор за јавно достапни и видливи податоци.

„Истраживме наводен сет на податоци од Линкдин кои биле објавени за продажба и утврдивме дека станува збор за збир на податоци од бројни веб страници и компании. Ова вклучува и јавно видливи податоци за корисници од Линкдин“, пишува во објавата.

Од социјалната мрежа која е во сопственост на „Мајкрософт“ тврдат дека „ова не е протекување на податоци од Линкдин“ и дека од она што може да се види „не постојат записи за корисници со приватни кориснички сметки“.

Линкдин допрва треба да соопшти дали сепак ќе ги извести корисниците чии податоци се вклучени во архивата што е објавена за продажба.

Минатата недела на хакерски форум беа објавени лични и контакт информации за повеќе од половина милијарда корисници на Фејсбук. Од американската компанија тогаш соопштија дека станува збор за „стари податоци кои беа објавени претходно во 2019 година“ и дека грешката е исправена во август истата година.