Почна седницата на Советот за безбедност во проширен состав

Седницата на Националниот совет за безбедност во проширен состав почна во претседателската резиденција на Водно. Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ја свика седницата откако вчера на македонска територија нелегално влегоа 1.500 мигранти преку јужната граница со Грција.

На седницата на Советот за безбедност, субјектите на системот за управување со кризи задолжени за превенција и за справување со кризната состојба, ќе ги информираат претседателот и членовите на Советот за безбедност за заканата од илегална миграција што доаѓа од територија на Европската Унија и на шенген-зоната, како и за можностите за развој на заканата и за зголемување на ризиците.

На седницата на Советот за безбедност се поканети да присуствуваат претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, техничкиот премиер, Емил Димитриев, министерот за одбрана, Зоран Јолевски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, како и членовите на СБ, Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини.

Претседателот Иванов, во согласност со деловникот за работа на Советот за безбедност, на седницата ги повика и раководителот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Никола Тодоров, министерот за финансии, Зоран Ставрески, заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, началникот на Генерал-штабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски, директорот на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена, Сузана Салиу, директорот на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Љупчо Андоновски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчо Савовски, и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија, Сашо Аќимовски.

На седницата на Советот за безбедност, македонскиот претседател ги повика и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот на ДПА, Мендух Тачи.