Почина светската поп-икона Принс

Прославената американска музичка ѕвезда и поп-икона Принс почина денеска на 57-годишна возраст во својот дом во Минесота, пренесуваат светските медиуми.

Како што пренесуваат медиумите во САД, полицијата денеска била повикана од итната помош на неговиот имот, Пејсли парк, и во тек била истрага која треба да ги утврди причините за смртта.

Музичарот на 15 април беше хоспитализиран по концертот во Атланта и по неколку дена беше пуштен дома. Тогаш тој испрати порака до своите обожаватели дека се чуствува добро и дека се одмора во својот дом.

Роден како Принс Роџерс Нелсон во 1958 година, Принс својата кариера ја почна уште на млади години, а светска слава стекна во 1980-тите години од минатиот век со албумите „1999“, „Purple rain“ и „Sign O’ the Times“.

Неговиот иновативен музички стил, во кој провејуваше рок, фанк и џез, изврши големо влијание на светската музичка сцена, со повеќе од 100 милиони продадени албуми.

Пејач, автор, аранжер и мултиинструменталист, Принс во текот на својата богата кариера сними повеќе од 30 албуми.

Во 2004 година тој беше примен во халата на славните „Рок енд рол“.