Почина Бора Чорба

После тешко воспаление на белите дробови Бора бил на лечење во клиниччко-болничкиот центар во Љубљана

Фото: Фејсбук профил на групата „Рибља чорба“

Легендарниот рокер и фронтмен на групата „Рибља чорба“ почина денеска во болница во Љубљана на 72 годишна возраст. Веста за смртта ја сооопшти неговиот бенд.

„Почитувани пријатели, со тага и жалост ве известуваме дека не напушти нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ. Почивај во мир драг наш Боки“, стои во соопштението од бендот.

После тешко воспаление на белите дробови Бора бил на лечење во клиниччко-болничкиот центар во Љубљана.

Роден е во Чачак на 1 ноември 1952 година. Беше главен вокал и текстописец на групата „Рибља чорба“ од нејзиното основање во 1978 година. Претходно беше член на групата „Сончогледи“ и „Рани мраз“. Ѓорѓевиќ беше еден од најпознатите музичари на српската и југословенската рок сцена, а после издавањето на албумот „Коза ностра“ во 1990, беше обвинет за „навредување на работничката класа на Југославија“, но обвинувањата беа отфрлени.

Помеѓу 1979 и 2019 година групата „Рибља Чорба“ објави 20 студиски и 9 концертни албуми, при што првите четири многумина ги сметаат за класика на југословенската рок-музика. Песните од „Кост у грлу“, „Покварена машта и прљаве страсти“, „Мртва природа“ и „Бувља пијаца“ беа широко прифатени како глас на урбаната младина.
Ѓорѓевиќ настапуваше и соло, како пејач, наградуван поет и стендап комичар, а пишуваше песни и за други музичари, дури и за турбофолкери, кои инаку ги исмеваше во некои песни на „Рибља Чорба“.

И општествениот живот на Бора Ѓорѓевиќ беше исполнет со контроверзи. При распадот на Југославија тој од универзално прифатена рок ѕвезда се претвори во гласноговорник на српскиот екстремен национализам. Се противеше на независноста на Словенија, јавно искажувајќи закани и навреди кон Словенците, за неколку години пред крајот на животот да се пресели во Љубљана, каде и почина.

Бора за време на војната во Хрватска со бендот „Минѓушари“ објави песна „Е мој друже загребачки“ со која ги воспеваше четничките воени злосторства. Подоцна се правдаше дека повиците за грабеж и силувања биле зафрканција. Низа некролози споменуваат дека бил прогласен за почесен граѓанин на Книн, испуштајќи да објаснат дека тоа беше во време на неуспешниот обид за сецесија преку ткн. САО Крајина.

Во текот на деведесеттите Ѓорѓевиќ стана отворен противник на режимот на Слободан Милошевиќ. Беше член на градскиот одбор на тогашната Демократска партија на Србија на Војислав Коштуница. 2004 година краток период беше советник на министерот за култура, но беше сменет по скандалот кога критички новинари ги нарече „предавничка стока“. Последните години искажуваше поддршка на владеењето на Александар Вучиќ, настапувајќи на партиски настани.

Наспроти сите контроверзи, Бора Чорба остана популарен кај голем дел од неговата публика. Признание за почесен граѓанин доби и од неговиот роден Чачак во 2002 година.