Тина Тарнер, една од најпопуларните женски уметници на сите времиња, почина денеска на 83 години во својот дом во Швајцарија.
„Со голема тага ја објавуваме смртта на Тина Тарнер. Со својата музика и нејзината безгранична страст за животот, таа маѓепса милиони фанови ширум светот и ги инспирираше ѕвездите на утрешниот ден. Денеска се збогуваме со една драга пријателка која на сите ни го остави своето најголемо дело: нејзината музика. Сето наше срдечно сочувство оди кон нејзиното семејство. Тина, многу ќе ни недостигаш“, се вели во соопштенијата на нејзините официјални страници на социјалните медиуми.
Тарнер имаше низа ар-ен-би хитови во 1960-тите и раните 70-ти години со нејзиниот доминантен и насилен сопруг Ајк Тарнер, пред да го напушти. Нејзината соло кариера стагнираше пред да направи неверојатен кам-бек во 1984 година со нејзиниот мултиплатински албум „Private Dancer“ и неговиот хит број еден „What’s Love Got to Do With It“. Со нејзиниот талент го заслужи признанието кралица на рокенролот, а нејзината животна приказна ја направи херој за жените низ целиот свет кои трпат семејно насилство.