По триесет години е уапсен најбараниот италијански мафијаш Матео Месина Денаро

Најбараниот италијански мафијашки бос Матео Месина Денаро е уапсен на Сицилија по 30 години во бегство, пренесоа светските новински агенции.

Асошиејтед прес пишува дека Месина Денаро наводно бил уапсен во приватна клиника во главниот град на Сицилија, Палермо, каде што се лекувал од рак.

Тој е последниот од тројцата долгогодишни мафијашки бегалци од највисоко ниво, кои со децении успешно избегнуваа да бидат фатени, додека стотици италијански полицајци во текот на изминатите години имале за задача да го следат.

Главниот обвинител на Палермо, Маурицио Де Лусија, за италијанската државна телевизија „Раи“ изјави дека бегалецот го користел псевдонимот Андреа Бонафеде, а клиниката ја посетувал поради хемотерапија.

За Месина Денаро се тврди дека е шеф на озлогласената група Коза Ностра и во 2002 година беше осуден во отсуство на доживотен затвор поради бројни убиства.

Меѓу убиствата за кои е осуден се и убиството на антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година, како и за смртоносните бомбашки напади во Милано, Фиренца и Рим во 1992 година.

Би-би-си пишува дека со години Месина Денаро беше симбол на неспособноста на државата да стигне до повисоките ешалони на синдикатите за организиран криминал. Неговото апсење ќе биде неочекуван знак на надеж дека мафијата може да се искорени дури и во јужните региони на земјата, каде што државата се смета за главно отсутна и неефикасна.

Италијанскиот претседател Серџо Матарела, чиј брат бил убиен од Коза Ностра во 1980 година, им честиташе на министерот за внатрешни работи и на карабинерите – италијанскиот воен одред со полициски должности.

Премиерката Џорџиа Мелони исто така им се заблагодари на вооружените сили за нивната работа во приведувањето на „најважниот човек на мафијашката криминална група“.