Платформа за борба против корупцијата: Се поткопува владеењето на правото со законот „Бехтел-Енка“ да гради автопати

Фото: Архива на „Мета“

Со одлуката за носење на посебно скроен закон за изградба на автопатишта со стратешкиот партнер Бехтел и Енка, се поткопуваат темелите на владеењето на правото, реагираат од Платформата за борба против корупцијата која е составена од 17 членки – организации кои работат на теми од антикорупција, владеење на правото и добро управување.

„Во состојба во која постојат веќе воспоставени начини како се остваруваат вакви инвестиции, преку јавни набавки или јавно приватно партнерство, кои обезбедуваат конкурентност, носење на скроен закон значи дека користа на инвеститорот била поважна од јавниот интерес. Истовремено, за ваква инвестиција од страна на државата недостасуваат анализи кои ќе ја образложат вистинската потреба за изградба, деталите и анализата на корист и трошок од изградбата, за да граѓаните добијат најмногу за денарот што го вложиле како даночни обврзници“, се вели во нивната реакција.

Платформата ги потсетува институциите дека почетокот на борбата против корупцијата е политичката волја. Таа не се состои само од поддршка на институциите примарно задолжени за борбата против корупцијата. Политичката волја значи и сопствено делување, во своите надлежности кое почива на начелата на непристрасност, законитост и транспарентност. За жал, овој и слични примери го подриваат тоа што е постигнато досега и ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите. Дополнително, го рушат угледот пред меѓународните партнери и ќе влијаат на оценките во извештаите за земјава, наведуваат од Платформата за борба против корупцијата.

Со специјалниот закон што беше изгласан од Собранието на РСМ на 15 јули, на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ без тендер ќе му се даде да ги гради автопатите од Коридорите 8 и 10д, и тоа од Струга до Ќафасан, од Тетово преку Гостивар до Кичево, како и од Прилеп до Битола.