Пендаровски: Имплементацијата на Преспанскиот договор е клучна за севкупен напредок во билатералните односи

Претседателот Стево Пендаровски е во официјална посета на Грција, каде што оствари средби со претседателката Катерина Сакеларопулу и премиерот Киријакос Мицотакис.

„Остварив средби со претседателката и со премиерот. Најважно од двете средби да издвојам е дека двете страни искажаа дека Преспанскиот договор ќе го почитуваат, дека важи и дека сакаат целосно почитување. Јас потенцирав дека тој Договор е врата на нашите евро-атлантски интеграции и да го имплементираме до точка и запирка, и двете страни да го почитуваме. Договорите мора да се чуваат и да се заштитуваат, и тоа го договоривме со претседателката која исто така е правник. Имаме намера да го почитуваме, и замолив од грчка страна поголема ажурност“, рече Пендаровски.

По средбата претседателот Пендаровски слична порака објави и на Фејсбук.

„Како две соседни земји, градиме стратешко партнерство и пријателство меѓу нашите народи. Принципиелно имплементирање на Преспанскиот договор е клучно за севкупен напредок во билатералните односи“, се вели во постот на претседателот.

Тој исто така кажа дека го замолил премиерот Мицотакис за поддршка и помош кон оние земји кои се скептици околу проширувањето на ЕУ, за време на самитот на ЕУ-Западен Балкан во Словенија. А разговарале и за трите меморандуми од Договорот од Преспа кои чекаат верификација, и притоа добил одговор.

Соговорниците на средбата разговараа за можностите за натамошно зајакнување на економската соработка, при што беше изразено задоволство од трендот на зголемување на трговската размена. Претседателот Пендаровски изрази уверување дека економската соработка треба да биде темелот на односите меѓу двете држави, имајќи ги предвид придобивките за економиите на двете страни. Во таа насока, беше истакната потребата за натамошен развој на инфраструктурното поврзување меѓу двете држави.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за силната поддршка што Грција ја дава за аспирациите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, оценувајќи дека деблокадата на процесот ќе придонесе за стабилноста и напредокот на целиот регион.

Од осамостојувањето на Македонија Стево Пендаровски е прв македонски претседател кој е во официјална посета на Атина.