Пендаровски и другите претседатели од членките на НАТО со реакција на руската анексија на делови од Украина

Фото: НАТО

Претседателите на земјите-членки на НАТО од Централна и Источна Европа денеска упатија заедничка изјава во врска со одлуката на Русија за нелегално анектирање на украински територии, која ја потпиша и македонскиот претседател Стево Пендаровски, информираат од Кабинетот на Претседателот на РСМ.

„Ние, претседателите од Централна и Источна Европа, од земји чиишто лидери го посетуваа Киев за време на војната и лично беа сведоци на последиците од руската агресија, не можеме да молчиме пред фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Руската Федерација и во таа насока ја даваме следнава изјава: Повторно ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме руските обиди за анектирање на која било украинска територија“, се наведува во заедничката изјава.

Претседателите на овие земји цврсто стојат на одлуката од НАТО Самитот во 2008 година во Букурешт за членството на Украина во иднина.

„Даваме целосна поддршка на Украина во својата одбрана од руската инвазија, бараме од Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии и ги охрабруваме сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина. Секој што ќе изврши чин на агресија мора да сноси одговорност и да биде изведен пред правдата“, се наведува во заедничката изјава.

Инаку, заедничката изјава ја потпишаа чешкиот претседател Милош Земан, естонскиот претседател Алар Карис, латвискиот претседател Егилс Левиц, литванскиот претседател Гитанас Науседа, македонскиот претседател Стево Пендаровски, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, полскиот претседател Анджеј Дуда, романскиот претседател Клаус Јоханис и словачката претседателка Зузана Чапутова.