Пејачки и танчарки од Албанија откриени во угостителски објект во Гостивар

По наредба за претрес од Основниот суд-Гостивар, овластени службени лица при МВР и УЈП извршија контрола во угостителскиот објект „Нота“ во гостиварското село Чегране.

При врачување на наредбата за претрес на сопственикот Ш.Ш., тој вербално нападнал еден од полициските службеници и сакал физички да се пресмета, по што избегал од објектот.

По извршената контрола и претрес во објектот, затекнати се и пронајдени осум државјанки на Албанија, од кои шест немале документи за идентификација. Девојките се на возраст од 21 до 33 години и, наводно, биле ангажирани како пејачки и танчерки.

Тие се приведени во полициската станица во Гостивар. И.Ш.(1972), брат на сопственикот на угостителскиот објект „Нота“, неповикано дошол во полициската станица и донел шест албански патни исправи на приведените, кои во моментот на приведувањето не биле во нивно владение.

Објектот, со решение на УЈП, е затворен на 30 дена, а полициската станица во Гостивар презема мерки за целосно документирање на случајот.