Партиите оценија дека изборите поминале мирно и во демократска атмосфера

Фото: Борче Поповски
Фото: Архива на Мета.мк

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, штабот на независниот кандидат Блерим Река оценија дека изборите поминале мирно во демократски и фер услови.

Шефот на изборниот штаб на СДСМ, Александар Кирацовски изборите ги оцени како „скандинавски и кристално чисти“.

„Изборниот ден помина во фер и демократска атмосфера. Им честитам на граѓаните бидејќи своето право на глас го изразија слободно на достоинствен и на демократски начин. Покажаа демократска зрелост. Институциите овозможија услови изборите да поминат во најдобар ред“ рече Кирацовски.

Тој очекува за победник во првиот круг да биде прогласен Стево Пендаровски.

И од изборниот штаб на Блерим Река првиот круг од претседателските избори го оценија како фер и демократски, но со мал одзив на гласачите.

„Малиот процент на излезност на изборите за претседател на државата го потврдува нашиот податок од изборната програма дека една четвртина од граѓаните се иселени. Тоа е загрижувачки момент“, изјави Рамадан Реџепи, портпарол на Изборниот штаб на Блерим Река.

Шефот на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев оцени дека генерално имало мирен избирен ден, а прогласи победа на Гордана Силјановска Давкова во неколку градови.

Тој рече дека во државата доаѓа „македонска пролет“ и „Македонија против Северна“.

Од штабот на ДУИ истакнаа дека институциите имале висок капацитет за организирање на фер и демократски избори како што се очекувало.

Според нив, начинот на организирање на изборите е исполнување на уште еден услов за добивање на датум за почеток на преговорите со Европската унија.