Османи-Ескобар: Проширувањето на ЕУ е безбедносно прашање, процесот треба да се забрза

На средбата било разговарано и за потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија и земјите од регионот како споделена стратешка цел

Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан.

Во фокус на разговорите, како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи, биле актуелните состојби во Западен Балкан, а Османи го брифирал високиот американски претставник за Планот од 9 точки за деескалација на тензиите меѓу Србија и Косово, кој го иницираше во својство на Претседавач со ОБСЕ.

Воедно, било разговарано и за потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија и земјите од регионот како споделена стратешка цел.

„Процесот на проширување на Европската Унија претставува безбедносно прашање, и оттука забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа кало целина. Високо ја цениме континуираната поддршка од САД во таа насока, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни”, истакнал Османи.

На средба станало збор и за развојот на билатералните односи во рамки на Стратешкиот дијалог, како и за целокупната поддршка за зајакнување на демократските институции, напредок во владеењето на правото и борбата против корупција.

Воедно, на средбата било поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што била истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.

На маргини на Дубровник форум 2023, Османи оствари средба и со Претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренауд- Басо, додека посебни средби ќе реализира и со заменик претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел и со министерот за надворешни работи на Република Ерменија, Арарат Мизорјан.