Евроамбасадорот Аиво Орав на денешната традиционална средба по повод Денот на Европа, со амбасадорите од земјите членки ЕУ, актуелниот и со поранешните вицепремиери за европски прашања, рече дека кризата во Македонија трае предолго и дека треба да се донесат тешки и сериозни одлуки.
– Минатиот месец го видовме и самиот леден брег кога беше донесена одлуката за аболиција. Нема време за губење. Тешки и сериозни одлуки треба да бидат донесени деновиве од тие што се одговорни за ситуацијата, така што заедно ќе одиме напред. ЕУ е тука ако ви треба нашата помош. Ние во ЕУ, исто така, многу се надеваме дека оваа криза ќе биде оставена зад нас и дека ќе ги почнеме преговорите со вас кога тоа ќе биде можно – рече Орав.
Вицепремиерот Арбер Адеми изјави дека факт е оти Македонија најдолго ја имплементира ЕУ-агендата од сите земји во регионот и оти не може да се сокрие дека земјата е во најкомплексна криза која е неодржлива.
Холандскиот амбасадор, Вилем Ваутер Пломп, изрази надеж дека лидерите ќе најдат мудрост и храброст да постигнат решение и дека напорите на меѓународната заедница ќе придонесат за наоѓање на тоа решение.
Американскиот амбасадор Џес Бејли, пак, посочи дека остануваат во комуникација со политичките партии.