Опрема во вредност од речиси 40.000 евра од Јапонија за Клиниката за кардиохирургија

Фото: Амбасада на Јапонија во Скопје

Амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада, вчера потпиша договор за „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ (GGP) со цел да се подобрат основните човекови потреби во Северна Македонија. Грант договорот беше потпишан со ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија при Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ – Скопје и има за цел да набави бронхоскоп кој ќе обезбеди побезбедни здравствени услуги за пациентите при дијагноза, хоспитализација и операција, во вкупен износ од 39,693 евра. Како што информираат во амбасадата, договорот го потпишале амбасадорот Савада и директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, проф. д-р Сашко Јовев.

„Овој проект ќе придонесе за значително зголемување на безбедноста на пациентите кои се оперираат или се хоспитализирани на клиниката, како и ќе обезбеди брзо и навремено дијагностицирање и успешно лекување на повеќе од 50,000 пациенти во следните 10 години“, рече Савада.

Проф. д-р Јовев пак, истакна дека за него е голема чест што е дел од семејството на приматели на GGP грант програмата.

„Од срце ви се заблагодаруваме за донацијата, која што е апсолутно потрeбна и адекватна за уште подобро функционирање на нашата клиника, а во служба на нашите пациенти“, потенцираше проф. д-р Јовев.

Јапонија досега финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од три милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош.

Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за ковид-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со ковид-19.