Омбудсманот реагира на забраната ученички со шамии да следат настава

Народниот правобранител денеска соопшти дека ја осудува постапката на Министерството за образование и наука кое, како што се наведува во реакцијата, со допис му овозможило на директорот на Основното училиште „Братство и единство“ во Охрид да им забрани на ученички да посетуваат настава затоа што носеле шамија на главата.

Омбудсманот бара веднаш да се повлече ваквата одлука и на ученичките да им се овозможи да ја следат наставата.

„Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права предвидуваат и дозволуваат слобода на вероисповед и слобода на изразување на религијата, а според Конвенцијата за правата на детето, слободата на манифестирање на вероисповедта може да потпаѓа само под ограничувања предвидени со закон, а вакви ограничувања не се предвидени со Законот за основно образование и со другите законски прописи“, стои во соопштението од канцеларијата на Народниот правобранител.

Омбудсманот бара доследно почитување на законите и задолжителна примена на ратификуваните меѓународни акти, како составен дел на македонскиот правен поредок.