Охрид: Се запали БМВ на крстосница, тепачка на плажа

Вчера во Охрид се случија неколку инциденти известуваат од Секторот за внатрешни работи на градот: На кружниот тек близу централниот плоштад во градот се запалило БМВ со тетовски регистрарски таблички, а на една од плажите се случила тепачка

Фото: Stephan Wusowski from Pixabay

Вчера во Охрид се случија неколку инциденти известуваат од Секторот за внатрешни работи на градот. Пријавено е дека настанал пожар во патничко моторно возило „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки при движење на кружната крстосница на плоштадот „Св.Климент Охридски“. Станува збор за централниот плоштад во градот кој се наоѓа помеѓу пристаништето и чаршијата.

Возачот на БМВ-то бил 31-годишниот А.Р. од Тетово. Од полицијата посочуваат дека во пожарот нема повредени лица, а огнот го изгасиле пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид.

Сепак, повредени имало во друг инцидент кој се случил на самиот брег на Охридското езеро, односно на една од плажите. Како што соопштува локалната полиција, 32-годишниот А.Д. од Охрид го нападнал 28-годишниот К.Л. исто така од Охрид, но и малолетничка од Макеоднски Брод.

„Тој бил агресивен и кон полициските службеници кои преземале службени дејствија. Против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти СВР Охрид.

Сезоната на одмори е во полн ек, а бројот на инциденти во еден од најпосетените туристичките градови во Македонија секојдневно расте.