Охрид „чести”: Велигденско бесплатно паркирање за гостите од земјата и од странство

Охрид се полни со гости, за што потврда се од синоќа осветлените прозорци и полните паркиралиштата, пред зградите од населбите што од охриѓани од милост ги прекрстиле во Карпош 3 и Карпош 4.

За сите гости, Охрид, преку ЈП „Билјанини извори“, чести 4 дена велигденско бесплатно паркирање насекаде во градот.

Четирите неработни дена од продолжениот празничен велигденски викенд, во Охрид ќе ги искористат голем број гости од Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и од други македонски градови.

Традиционално, голем број дојдоа од регионот, од Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, но ќе има и од подалечните земји. Tука се и гостите од Холандија, Данска, годинава и од Израел и од Полска.

Јавното претпријатие „Билјанини извори“ ги известува граѓаните на Охрид и сите оние кои за велигденските празници престојуваат во градот, дека на 16 април, по повод празникот, наплатната служба на паркиралиштето со кое стопанисува претпријатието нема да работи и паркирањето ќе биде бесплатно за сите.