Одбиените кандидати за стипендија ќе може да се жалат откако ќе им стаса решение дека се одбиени

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Одбиените кандидати кои аплицирале за студентска стипендија, треба да почекаат на домашна адреса да добијат писмено решение дека се одбиени, па потоа со тој документ ќе имаат можност да поднесат жалба. Како што за Мета.мк информираат од Министерството за образование и наука (МОН), до крајот на февруари сите одбиени кандидати ќе ги имаат добиено овие решенија и тогаш ќе може да приговараат.

„Жалбата се поднесува до Државната комисија за одлучување по управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението од МОН. Во него ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена“, велат во МОН.

Оттаму замолуваат одбиените кандидати да не им испраќаат реакции и приговори на службената адреса на министерството, пред да го добијат решението на домашна адреса.

Од МОН додаваат дека решенијата за прифатените и за одбиените апликации во моментов се изработуваат и ќе бидат испорачани на домашната адреса на секој апликант до крајот на овој месец.