ОДАС: Незадоволни од директорката, талентираните ученици почнуваат да се отпишуваат од МИГ

фото: Мета.мк

Повеќе од една недела учениците од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје го изразуваат својот револт поради, како што велат, незадоволството од некои од професорите во гимназијата.

Учениците велат дека менаџментот на училиштето нема слух за нивните барања и проблеми и тврдат дека подлежат на притисоци.

Преку видео-обраќање, ученичка во МИГ вели дека на повеќе состаноци разговарале со директорката на училиштето, но не наишле на соработка. Ученичката тврди дека дел од нејзините соученици веќе почнале да се отпишуваат од Математичко-информатичката гимназија.

„Од менаџментот добивме закани дека ќе добиеме неоправдани изостаноци, намалено поведение, но тоа нам во овој момент ни е од најмал интерес. Бевме советувани да молчиме и проблемите да ги решаваме во рамките на училиштето, но училиштето не нуди помош за решавање на истите. Во наредните денови имаме средба со министерот, се надеваме дека со него ќе најдеме решение. Во спротивно, веќе некои ученици почнаа да се отпишуваат, а доколку ништо не се смени, повеќе од нас го делат истото мислење“, вели Емилија Николовска, ученичка во МИГ.

Поддршка за учениците од оваа гимназија изразија и од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), од каде велат дека ваквата состојба не смее да му наштети на квалитетот на образованието на учениците во МИГ.

„Оваа ситуација не смее да штети на квалитетното образование и не смее да биде на сметка на талентираните ученици. Ние од ОДАС целосно стоиме зад овие ученици и целосно стоиме зад нивната борба да го решат овој проблем и конечно да се изборат за своите права“, изјави Анисија Угриновска, претседателка на ОДАС.

Минатата недела учениците од МИГ, заедно со нивните родители протестираа пред Министерството за образование и наука (МОН), од каде побараа оставка од директорката на училиштето Јулија Гајдаџиева, како и квалитетен наставен кадар.

Учениците од МИГ и нивните родители на протест пред МОН, побараа оставка од директорката и квалитетни наставници