Учениците од МИГ и нивните родители на протест пред МОН, побараа оставка од директорката и квалитетни наставници

фото: Мета.мк

„Идеја – одлична, реализација – нула“, „Оставка за директорката“. Ова се само дел од транспарентите со кои ученици во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје и нивни родители, денеска на протест пред Министерството за образование и наука, го искажаа своето незадоволство поради новоизбраните професори кои треба да им предаваат. Тие четврти ден по ред ја бојкотираат наставата, а денеска на протестот побараа оставка од директорката Јулија Гајдаџиева, како и квалитетен кадар кој ќе им пренесува знаење.

Како што велат учениците кои денеска протестираа, за нив второто полугодие започнало подоцна од предвиденото, поради недостиг на професори. Учениците тврдат дека изминативе две недели немале настава по 80 отсто од предметите, односно немале час по ниту еден од стручните предмети. Овој проблем требало да биде решен откако ќе се распише оглас за професори и вработување стручни лица од соодветните области.

Средношколците тврдат дека иако на јавниот повик аплицирале стручни професори со завршени докторски студии од предвидените области, истите биле одбиени без никакво образложение од директорката на гимназијата.

„Некои од тие професори веќе предавале во МИГ и ја докажале својата стручност, а сега се заменети со нови професори, без образложение зошто. Ние не гледаме дека тоа е поради подобар квалитет и стручност. За жал, го гледаме спротивното. Се соочуваме со целосна нестручност и личности кои не делуваат дообразовани во областите за кои се назначени да предаваат. До скоро изговор за тоа беше дека еден професор предава 5 предмети (18 часа неделно) и поради тоа не може да се посвети на квалитетот на предавањата. Сега кога аплицираа професори за тие позиции, сите до еден беа одбиени“, велат учениците.

На денешниот протест пред МОН на кој присуствуваа ученици од прва, втора и трета година од гимназијата, учениците и нивните родители истакнаа дека квалитетот на наставата е значително опаднат од порано. Учениците не планираат да се вратат на настава доколку нивниот проблем не биде решен.

„Сите медали на нашите вратови можеме слободно да ги извадиме и да ги собереме да ги фрлиме во вода ако престанеме да се бориме за вистината и ако не сме луѓе пред сè. Заедно со тоа и МИГ ќе ја изгуби својата вредност ако ние во понеделник се вратиме во училишните клупи и се однесуваме како ништо да не било и останеме глуви и слепи пред лицето на правдата“, изјави Стефанија Кузмановска, ученичка во трета година во гимназијата.

Во моментов, најголем проблем за учениците е наставата по предметите од информатичките области. Кузмановска додава дека неквалитетот на наставата ќе се одрази исклучиво на учениците и тоа на долгорочен план, а во однос на обвинувањата дека биле изманипулирани, вели дека се доволно едуцирани за да можат самите да оформат став за ситуацијата.

„Знаењето не се добива од некој кој мисли дека дипломата е доволна за да бидеш еден добар професор. Знаење можеме да добиеме само од луѓе кои тоа го имаат и тоа во изобилство“, истакна Кузмановска.

фото: Мета.мк

Родителите кои беа присутни на протестот велат дека се тука да ги поддржат нивните деца за поквалитетно образование, за кое велат дека кога гимназијата започнала со работа било одлично, но со тек на времето почнало да губи од својот квалитет. Родителите сведочат и за несоодветна комуникација со раководството на гимназијата.

„Сите одговори од директорката беа заобиколување на вистината. Решението не го гледаме, затоа што нема соодветен пристап во самата институција. Луѓе што имаат завршено на Оксфорд, Кембриџ или пак професори од ФИНКИ, не се примени со образложение дека тоа е нивен избор. Ние не ги омаловажуваме новопримените професори, меѓутоа професори кои веќе се докажани кај учениците и имаат воспоставено соработка и успеси, покажувајќи ги преку сите овие медали и освоени места, ги одбиваат, а се примаат нови луѓе. Нешто не е во ред“, рече Миле Радев, родител на еден од учениците во МИГ.

Нашите деца немаат подобар избор од оваа гимназија, вели друг родител. Според него, проблем во ситуацијата е што според Законот за Математичко-информатичката гимназија, директорката на училиштето сама ги бира членовите на комисијата што ќе ги оценуваат кандидатите за наставници што се пријавиле на конкурсот.

„Тие членови на таа комисија се луѓе од самата гимназија. Тие никогаш стручно не ги оценуваат пријавените кандидати. Не е ни можно да ги оценат. Како вие како професор по физика во средно би оцениле некој што има докторска дисертација по алгебра? Како би можеле да процените дали тој е постручен и поубаво би го предавал предметот отколку друг кандидат што можеби се наоѓа на 500-то место според квалитет во земјава?“, вели Дејан Пешевски, член на Советот на родители во МИГ.

Родителите бараат МОН да го ревидира членот од законот што го предвидува начинот на избор на наставниците и да се воведе поголема транспарентност, непристрасност и стручност при оценувањето на кандидатите. Родителите предлагаат дека најсоодветни за членови на комисијата би биле претставници од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Пешевски сведочи и за случај од почетокот на учебната година во септември, кога родителите забележале несоодветно водење настава од страна на една од професорките. Случајот бил пријавен и во Државниот просветен инспекторат (ДПИ), од каде не регистрирале неправилности.

„Дојде Државен просветен инспекторат, направи инспекција и на крај излезе дека сè е во ред. Дали постои некој во државен инспекторат што може да процени колку е правилна таа програма што ја изведува професорката? Прво, дали е точно тоа што таа го предава? Кој таму има докторат по информатика или програмирање што може да процени дали тоа што го кажува професорката е точно? Јас на моето дете му кажав да не слуша ништо што ќе каже професорката, затоа што полошо е да слушаш отколку да не си таму“, вели Пешевски, кој додава дека и самиот долги години работи во областа на информатиката.

фото: Мета.мк

Учениците и нивните родители бараат од надлежните институции да ги сослушаат и да се залагаат за решавање на проблемот. Велат дека намалениот квалитет на наставата ќе ги натера да се стопат во сенката на класичното државно образование и да ги побараат документите за отпис, со што гимназијата која била замислена како расадник за таленти, ќе се распадне.

Од МОН за Мета.мк велат дека просветни инспектори ќе направат увид во постапката за избор на стручни соработници во училиштето, кои биле одбрани преку последниот повик и за истото ќе ги известат учениците и родителите кои реагираат по тој основ. Оттаму велат дека ќе организираат и средба со нив во министерството.

„Математичко – информатичката гимназија е основана со посебен Закон за МИГ и врз основа на одредбите од истиот, како и одредбите од Законот за средното образование, ова државно средно училиште функционира и ја организира работата. За било какви промени во законската регулатива, се поднесуваат иницијативи до МОН и секако дека секоја конструктивна идеја ќе биде предмет на разгледување, проследување до Владата и понатаму во Собранието на конечна дискусија и усвојување на најдобрата верзија. Се работи за релативно ново училиште, така што го цениме придонесот на секој кој има намера да помогне во развојот и унапредувањето на работата на оваа образовна установа“, велат од МОН.

Мета.мк се обиде да стапи во контакт и со директорката на Математичко-информатичката гимназија, Јулија Гајдаџиева, која не беше достапна за изјава и објаснување во врска со барањата на учениците и нивните родители.

Во Математичко-информатичката гимназија учат ученици од целата земја. За упис во гимназијата се предвидени строги услови кои учениците треба да ги исполнат. Изминативе три години, колку што постои училиштето, учениците освоија бројни награди на домашни и меѓународни натпревари од областа на информатиката и математиката.

 

Пишуваат: Антонија Поповска и Гоше Николов