Њујорк тајмс: Најголемите улични протести во Србија по соборувањето на Милошевиќ

„Доста е“, им рече на демонстрантите Зоран Кесиќ, сатиричар и телевизиски водител. „Има доволно насилство, доволно омраза и заплашување, доволно понижување“, рече тој

Фото: Принтсктин, Н1 ТВ, 03.06.2023 г.

Протестите во Србија поради минатомесечните масовни убиства во саботата се претворија во најголемите улични демонстрации во Белград откако во 2000 година беше соборен поранешниот српски претеседател Слободан Милошевиќ, пишува Њујорк Тајмс.

Протестите „Србија против насилството“, кои се одржуваат еднаш неделно, добија замав од почетокот на мај, кога 18 лица беа убиени во два масакри – едниот во училиште во Белград, другиот во околните села. Тие убиства предизвикаа граѓански бунт, што критичарите на лидерот на земјата, Александар Вучиќ, го нарекоа протест против „културата на насилство“ промовирана од владата и лојалните медиуми, објави американскиот весник.

Саботниот протест, петти по ред и најголем досега, го зголеми притисокот врз Вучиќ да исполни барем дел од барањата на демонстрантите, нагласува Њујорк тајмс.

„Овие барања вклучуваат разрешување на високи функционери и одземање на дозволите за емитување од провладините телевизиски станици кои имаат лоша репутација за емитување насилни реални шоуа и игнорирање на опозициските политичари“, пишува весникот во својата анализа.

„Доста е“, им рече на демонстрантите Зоран Кесиќ, сатиричар и телевизиски водител. „Има доволно насилство, доволно омраза и заплашување, доволно понижување“, рече тој.

Протестите прераснаа во поширок, иако досега, мирен бунт против сè поавторитарното владеење на Вучиќ, кој, како што објаснува Њујорк тајмс, прво беше премиер, а потоа претседател, а на власт е речиси една деценија.

„Вучиќ ја започна својата политичка кариера како радикален националист за време на балканските војни во 1990-тите, но во последниве години се обидува да се претстави како проевропски лидер кој сака Србија да ги оживее своите застојани напори за пристапување во Европската унија. Тој се спротивстави на воведувањето санкции против Русија поради нејзината војна во Украина, но Србија гласаше во Обединетите нации за да ја осуди Москва“, потсетува весникот.

Вучиќ, кој победи на минатогодишните избори, е решен да остане таму каде што е, отфрлајќи ги протестите како „политички трик“ на неговите противници.

Вучиќ во минатото веќе се соочи и преживеа големи улични протести, но тие не беа толку големи како саботните, пишува Њујорк Тајмс.

Претходните протести, предводени од опозициските партии и прекинати со насилство предизвикано од поддржувачи на владата, сите беа неуспешни, пишува американскиот весник.