ковид калкулатор
Принтскрин: ковид калкулатор, МЗЗПР, ИЈЗ

Новиот ковид-калкулатор со кој корисниците можат да си ја пресмета својата т.н. ковид-возраст или колкав е нивниот ризикот од заболување со ковид, иако може да послужи како корисна алатка, остава отворени многу прашања во однос на приватноста на податоците на оние што ќе го користат.

Ковид-калкулаторот е изработен од страна на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од каде најавуваат и основање на центар на знаење „Епи Ковид-19 БЗР центар“.

„Резултатите од тестирањето се индивидуални, а за нивно добивање потребно е да се внесат параметри за одредени заболувања, како и возраст, висина и тежина. Како основа за оваа алатка е земена биолошката возраст на пациентите- работниците, од причина што досегашните докази укажуваат дека токму таа e најголем ризик фактор за компликации и смрт од ковид-19“, соопштија од МЗЗПР.

Покрај датумот на раѓање, висината и тежината, во алатката се внесува и име и презиме, општина како и податоци за претходни заболувања и хронични болести.

Од Здружението за заштита при работа велат дека ковид-возраста функционира на принципот на „превод“ на поединечен здравствен ризик фактор во години, кои се додаваат (или одземаат) од актуелните биолошки години (возраст) на лицето. Така се добива „очекуван збир на години“ според кои се проценува ризикот, дали едно лице ќе заболи и каков би бил понатамошниот очекуван исход од таа болест.

Оваа публикацијата насловена „Проценка на ризик на работно место при изложеност на Сарс-Ков-2 вирусот“ е издадена од страна на МЗЗПР и е достапна на овој линк.

Елена Стојановска, аналитичарка од областа за заштита на личните податоци од Фондацаијата Метаморфозис, вели дека несомнено е голема користа од калкулаторот во смисла на информирање на граѓаните за потенцијалниот ризик од инфицирање со ковид-19, согласно нивните претходни здравствени состојби. Но, гледано од аспект на заштита на приватноста, неколку прашања се отвораат во однос на поставеноста на калкулаторот.

Првиот проблем кој се воочува уште на самото отворање на алатката е несигурната конекција http://62.162.94.3/covid-calculator/ и неповрзаноста со домен, па со самото тоа не се добива информација за сопственикот на алатката.

Елена Стојановска
Елена Стојановска

„Со оглед на фактот дека анализата е релевантна само ако точно се одговори на прашањата за претходна здравствена состојба, нивниот обем е оправдан. Сепак, мора да се земе предвид дека станува збор за 19 податоци, дел здравствени, дел биометриски, а кои согласно Законот за заштита на личните податоци, спаѓаат во категорија на чувствитени лични податоци, па со тоа уживаат и повисок степен на заштита“, вели стојановска.

Следната забелешка е за обемот на задолжителни лични податоци кои треба да се внесат за да се добие анализата. Без да се внесат името и презимето, општината, датумот на раѓање (ден,месец и година), полот и индустриската гранка, анализата не може да биде достапна. Оттаму Стојановска оценува дека годината на раѓање (без ден и месец), полот, индустриската гранка и податоците за претходните здравствени состојби се сосем доволни за да се добие анализата. И дека податоците за име и презиме и општина, не влијаат директно во одредувањето на потенцијалниот ризик од инфицирање со ковид-19.

„Се отвора и прашањето дали внесените податоци се чуваат и обработуваат од страна на Македонското здружение за заштита при работа и Институтот за јавно здравје за цели на статистичка анализа. Доколку е тоа случај, податокот за општината може да биде валиден, но не и задолжителен, и може да биде добиен само доколку лицето само одлучи да го даде“, вели таа.

Генералната препорака е итно да се објави политика за приватност на калкулаторот во која на јасен начин ќе бидат дадени информациите за тоа дали податоците се чуваат во електронска база или пак само се генерира анализа во моментот на внесување на податоците и истата е достапна во реално време само за оној кој ги внесува податоците. Доколку податоците се чуваат, треба да биде јавно објавено кој е сопственик на таа база на лични податоци, дали е тоа Здружението за заштита при работа, Институтот за јавно здравје или друго правно лице. Понатаму, дали покрај целта за лично информирање, постојат и други цели за кои личните податоци ќе бидат користени (статистички анализи), кои се тие цели, и кои се легитимните интереси за таа обработка. Дали собраните податоци ќе бидат дадени на користење на трета страна, за која цел и која е таа трета страна. Потребно е и да се определи разумен рок на чување на податоците, со оглед на тоа дека поголемиот дел од нив се менливи и не може да се сметаат за релевантни на подолг период.

„Со оглед на тоа дека се очекува алатката да им биде од помош на работодавачите при проценка на ризикот од инфицирање со ковид-19 на вработените, секој работодавач кој ќе ја користи, исто така треба да има обврска на соодветен начин да постапува со податоците кои ќе ги добие од истата“, посочува Стојановска.