Нови казни од 6.000 и 800 евра за горење на охридската депонија „Буково“

Фото: ДИЖС

Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ доби две нови казни заради горењето отпад на општинската депонија „Буково“. Државните инспектори за животна средина, при контролен инспекциски надзор минатата недела, констатирале дека депонијата сè уште чади и го загадува воздухот и изрекле нови, втори, санкции за правното лице во висина од 6.000 евра и 800 евра за одговорното лице. Од Инспекторатот информираат дека јавното претпријатие по претходно издадено Решение било задолжено да го изгаси огнот на депонијата „Буково“ и континуирано да ја прекрива истата со земја, но при третата инспекција констатирале дека тоа не е извршено.

„При инспекцискиот надзор е константирано дека на лице место има појава на горење на депонијата на неколку локации од кои има густ чад. Депонираниот отпад не беше израмнет и прекриен со земја. На лице место имаше булдожер кој го рамнеше депонираниот отпад, а немаше екипи кои го гаснат опожарениот дел. Истиот ден издадено е ново Решение во инспекциска постапка со мерки за гасење на депонијата и изречени се нови, втори, глоби за правното лице во висина од 6.000 евра и 800 евра за одговорното лице“, информираат од Инспекторатот и додаваат дека доколку правното лице не постапи по нивните решенија повторно ќе добие казна.

Ова е трета контрола, од јуни наваму во нестандардната депонија „Буково“, со која стопанисува ЈП „Охридски комуналец“. Инспекторите во сите три наврати констатирале дека таму само се депонира ѓубре, без соодветно да се затрупа со земја. Заради тоа, на втората контрола беа изречени и првите казни во висина од 2.000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице.