Нова војна – Азербејџан ја нападна енклавата Нагорно Карабах

Двете соседни држави Азербејџан и Ерменија досега двапати водеа војна за регионот Нагорно Карабах, првпат на почетокот на 1990-тите, по распадот на Советскиот Сојуз, а потоа во 2020 година

Фото: Исечок од видео на Министерството за одбрана на Азербејџан објавено на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер)

Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека почнало „антитерористички операции“ во подрачја на регионот Нагорно Карабах, кој е под контрола на етничките Ерменци. Во главниот град на Карабах, Степанакерт се слуша минофрлачки оган и сирени за тревога, јави Би-би-си.

Според досегашните сознанија, загинале 11 азербејџански цивили и полицајци, во експлозија на мина и во уште еден инцидент.

Безбедносните власти во отцепениот регион Нагорно Карабах велат дека азербејџанската армија „го прекршила прекинот на огнот долж целата линија на контакт со ракетни и артилериски напади“. Други официјални претставници на отцепените Ерменци велат дека станува збор за „голема воена офанзива“.

Двете соседни држави Азербејџан и Ерменија досега двапати водеа војна за регионот Нагорно Карабах, првпат на почетокот на 1990-тите, по распадот на Советскиот Сојуз, а потоа во 2020 година.

Азербејџанското министерство за одбрана во Баку денеска ги обвини ерменските сили за „систематско гранатирање“ на позициите на азербејџанската армија и порача дека одговорило со почнување „локални антитерористички активности за да се разоружа и обезбеди повлекување на формациите на вооружените сили на Ерменија од нашите територии“. Ова министерство посочи дека цел на активностите не се цивили или цивилни објекти и дека се онеспособуваат легитимни воени цели со користење високопрецизни оружја.

Во кратко телевизиско обраќање, ерменскиот премиер Никол Пашинјан ги отфрли наводите дека ерменскатаа војска е вклучена и го обвини Азербејџан дека почнал „копнена офанзива со цел етничко чистење на Ерменците од Карабах“.

Повици Азербејџан да ја прекине својата воена операција упати претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој преку платформата Икс (поранешен Твитер) порача дека тоа би овозможило вистински дијалог меѓу официјален Баку и Ерменците од Карабах.

Реагираше и германското министерство за надворешни работи, кое преку платформата Икс повика Азербејџан да прекине со артилериските напади и да се врати на преговарачката маса, како единствен чекор напред до траен мир.

Околу 120.000 етнички Ерменци живеат во планинската енклава.