Нова рунда од мировните преговори за Сирија следната недела во Женева

Новиот круг од мировните преговори за решавање на ситуацијата во Сирија под покровителство на Обединетите нации (ОН) ќе се одржи во Женева на 28 ноември. Ова било потврдено на состанокот на членовите на сириската опозција во Саудиска Арабија, јавуваат светските агенции.

За нов предводник на делегацијата на сириската опозиција е избран Насер ал Харири, кој го замени радикалниот Ријад Хиџаб, кој во понеделникот оваа недела поднесе оставка на функцијата.

Харири ги повикал ОН да иницираат директни преговори за политичка транзиција во Сирија и порачал дека фокусот треба да биде ставен на мировните преговори со поддршка на ОН.

Околу 150 претставници на различните опозициски групи во Сирија одлучиле да испратат заедничка делегација на преговорите следната недела. Тие, решението за ставање крај на војната во Сирија, која трае веќе седум години, го гледаат исклучиво во заминувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој ја има поддршката на Русија, додека на страна на опозицијата се Турција и други регионални сили, како и Соединетите Американски Држави.