Нов „хибриден напад“ врз Премиерот Заев од лица кои се претставиле како Грета Тунберг

Пред неколку дена се случил „хибриден напад“ врз кабинетот на Премиерот Заев од лица кои се претставиле како Грета Тунберг и нејзиниот татко. Како што на денешната Меѓународна конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“ истакна Марјан Забрчанец, специјален советник на премиерот, нападот, односно телефонскиот разговор на премиерот Заев и оние што се претставиле како Грета и таткото на Грета се случил, премиерот наводно се спосомневал во автентичноста на разговорот, но сепак решил да го доврши.

Според Забрчанец, овој напад бил „пософистициран од оној неодамнешниот на руските пранкстери“. Тој вели дека напаѓачите се јавиле од „брендирани канали“ и од американски телефонски број, но дека проверката која траела неколку дена покажала дека се работи за „хибриден напад“. По проверката било известено и семејството Тунберг.

Разговорот бил закажан преку македонско дипломатско претставништво.

16-годишната Грета Тунберг од Шведска од неодамна стана лицето на борбата против климатските промени. На 23 септември таа одржа емотивен говор на Климатскиот самит на Обединетите нации во Њујорк во кој таа ги повика лидерите на светот да превземат акции кон спречувањето на климатските промени.

Грета уште во февруари годинава објави подолг пост на Фејсбук во кој објаснува како го започнала целото #fridaysforfuture движење и протестите кои сама ги иницираше со тоа што не одеше на училиште секој петок. Околу 4 милиони луѓе, главно ученици излегоа на улиците во градовите во кои живеат и протестираа барајќи од властите да преземат мерки против климатските промени.

Руските комичари Владимир Кузнецов и Алексеј Столаров, во јавноста познати како Пранкерите Вован и Лексус во јули на својот јутјуб канал објавија снимка во должина од речиси еден час, за која велат дека се споени три разговори со Заев, направени во август 2018, јануари 2019 и април 2019. Во нив, комичарите, претставувајќи се како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг разговараат со македонскиот премиер на повеќе теми –ситуацијата пред референдумот, дали Русија има влијание во нашата држава, како и за Косово и Србија. Се разговара и околу добивањето на автокефалност на македонската православна црква, а лажниот „Порошенко” го убедува Заев дека истата може да се добие со поткуп од 100.000 евра за вселенскиот патријарх Вартоломеј.