Низ водоводните цевки се губи речиси две третини од водата што ја пиеме

Со години инсистираме да ја преземеме во целост надлежноста за формирање на тарифи кои се реални и инвестициски поттикнувачки. Со природните ресурси, како водата не смееме да дозволиме алиби игри, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ)

Фото: Image by Manuel Darío Fuentes Hernández from Pixabay

Континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа е императив во борбата за намалување на загубите на вода од извор до чаша, која согласно податоците за 2023 година на ниво на цела држава во просек изнесува над 60 проценти.

Ова го посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која е домаќин на 32 Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија – WAREG (European water Regulators). Станува збор за асоцијација што брои 35 регулаторни тела кои го следат секторот за води и овозможуваат заштита на повеќе од 400 милиони потрошувачи.

„Со години инсистираме да ја преземеме во целост надлежноста за формирање на тарифи кои се реални и инвестициски поттикнувачки. Со природните ресурси, како водата не смееме да дозволиме алиби игри. Во овој момент РКЕ определува само опсег на тарифи (од минимална до максимална), а советите на локалните самоуправи најчесто се определуваат за најниската цена, односно тарифа која обезбедува минимален праг на рентабилност со мали инвестиции, при што мрежата не се обновува, а вработувањата се зголемуваат“, рече Бислимоски.

Фото: РКЕ

Тој посочи дека неопходен е континуиран инвестициски циклус во инфраструктурата како и оптимизирање на бројот на вработени во јавните комунални претпријатијата, при што во исто време клучно е да се обезбеди цена која што ќе овозможи развој на претпријатијата и воедно да биде достапна и прифатлива за крајните корисници.

„Решение, како регулатори гледаме преку преземање на целосна надлежност во формирање на крајната цена“, рече Бислимоски.

Инаку, мисијата на WAREG е да ги усогласи дејствата на европските регулаторни тела преку поттикнување на проактивна соработка, размена на знаење, искуства и добри практики како и други активности со кои се градат капацитетите на членките.

„Улогата на економските регулатори е круцијална за обезбедување финансиска стабилност на секторот, и за реализација на потребните капитални инвестиции за иновации и за доближување на секторот до стандардите на ЕУ за животна средина“, изјави Андреа Гуерини претседател на WAREG.

Мета.мк подолг период ја следи темата со загубите на вода на ниво на држава. Уште пред три години, Мета алармираше за овој проблем, односно за процентот на загуби на вода за пиење, којшто во 2021 година на национално ниво изнесувал огромни 61,94 проценти од вкупното количество на произведена вода за пиење. Ова ја правеше Македонија, во споредба со земјите-членки на ЕУ е „шампион” во делот на загуби на вода.

Соседна Бугарија со 60 отсто неприходувана вода имаше најголеми загуби на вода за пиење меѓу земјите-членки на ЕУ. По неа, следува Романија и Ирска, а од земјите од регионов, во Хрватска неприходуваната вода за пиење изнесува 40 отсто, додека во Словенија околу 30 проценти.

Рестрикции на вода за пиење во некои општини, рушиме европски рекорди во загуби на вода [инфографик]