Ниту инфраструктурни услови, ниту пристоен третман за лицата со инвалидски колички во Тетово

Двајцата млади, Лавдрим Вели и Гадаф Мемети, за Порталб.мк ги раскажуваат своите не толку пријатни искуства кои секојдневно ги доживуваат во голем дел од институциите во градот

Забрана за влез на лица со инвалидски колички во ЈКП Тетово. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Инфраструктура која го отежнува движењето, искршени рампи и далеку од потребните стандарди, недостаток на лифтови. Ова се само дел од секојдневните проблеми и предизвици со кои се соочуваат лицата со посебни потреби во јавните институции во Тетово. Тие се жалат дека институционалната негрижа им го отежнува и така тешкото секојдневие. Двајцата млади, Лавдрим Вели и Гадаф Мемети, за Порталб.мк ги раскажаа своите не толку пријатни искуства кои секојдневно ги доживуваат во голем дел од институциите во градот. Од друга страна пак, на институциите од кои побаравме одговорност не им е приоритет да ги задоволат потребите на овие лица.

Општина Тетово, Јавното комунално претпријатие „Тетова“, ЈП „Градски паркинг“, полициската станица, катастарот, тетовската болница се само дел од институциите кои се непристапни за лицата во инвалидски колички. Тие сè уште се соочуваат со бројни препреки при пристапот до овие основни институции, а како резултат на тоа, се лишени и од добивање на нивните услуги како граѓани на државата.

Нов ден, нов предизвик

Еднаквиот пристап за сите е човеково право, вели младиот Лавдрим Вели. Но, ова право, на оваа категорија на граѓани им се ускратува во многу институции на општината.

Лавдрим, кој е на последна година од додипломските студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Тетово, вели дека секој нов ден за него е предизвик сам по себе, но и покрај тоа вели дека има храброст да се соочи со овие предизвици.

„Секојдневно се соочуваме со препреки, особено кога имаме некаков проблем или потреба за услуга во јавните институции. Се истакнува недостатокот на пристапни рампи и немањето на лифтови. Некогаш мораме да се качиме и на повисоките катови, како на вториот или третиот, и поради тоа вработените во овие институции се принудени да излезат и да ни помогнат. За мене секој нов ден е посебен предизвик“, вели тој.

Тој раскажува и за потешкотиите со кои се соочува во јавните институции во Тетово.

„Таков еден конкретен случај имав во Општина Тетово, како и во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ кое се наоѓа кај Зеленото пазарче. Во овие институции кај едната има лифт само за приземје, а за повисоките спратови нема, а пак кај другата воопшто нема лифт. Поради ова јас сум принуден да земам придружник кјо ќе се качи и ќе ги повика надлежните лица за јас да ја добијам услугата што ми следуваа. Иако морам да напоменам дека тие секогаш ми излегувале во пресрет, и без нималку двоумење ми помагале, сепак тоа не го решава овој проблем“, вели 21-годишниот Лавдрим Вели.

Лавдрим Вели, од општина Тетово, студент на трета година на Филозофскиот факултет при УТ. Фото: Енис Шаќири/Порталб.мк

Вели како конкретен случај го споменува и катастарот.

„Исто така, морам да спомнам уште еден случај кај катастарот во Тетово, кој се наоѓа на третиот кат во трговскиот центар во Тетово. Во оваа институција ние како корисници на инвалидска количка не можеме да се качиме“, објаснува Вели.

Од друга страна, за младиот Гадаф Мехмеди, најтешко пристапни институции се Болницата во Тетово, полициската станица и Општина Тетово, бидејќи, како што вели тој, рампите за лицата со посебни потреби се изградени со несоодветна косина.

„За жал, овде во Тетово нема пристап до јавните институции. Иако многу пати сум зборувал на оваа тема, пак условите не се исполнети. Во многу институции, рампи за лица со посебни потреби воопшто не постојат, а таму каде што ги има, тие често се со несоодветна косина, што ја оневозможува нивната употреба. Многу јавни институции имаат недостаток на пристапни рампи“, вели Мехмеди.

Тој ја издвои болницата како една од најважните институции во која се принудени да одат граѓани како него, но кои остануваат разочарани од недостатокот на начин на кој можат да пристапат.

„Можеби две или три понови згради имаат лифтови, но и овие често имаат прекоси рампи кои претставуваат ризик за луѓето што ги користат“, вели Мехмеди.

Toj нагласи дека во град во кој помошта најчесто доаѓа од индивидуалната посветеност на персоналот, а не од структурните решенија, луѓето со посебни потреби ќе продолжат да се соочуваат со горчливата и често трагична реалност.

Гадаф Мемеди, од општина Тетово, дипломиран студент по германски јазик и литература Фото: Енис Шаќири/Порталб.мк

„Сега, се поставува прашањето: дали живееме во земја каде што во институциите има луѓе кои се спремни да помогнат? Да. Но, дали институциите ги исполнуваат условите и дали лицето може да пристапи до овие институции без нечија помош? За жал, одговорот е не. Значи, под зборот пристап, во овој случај подразбираме дека едно лице со посебни способности, кое сака да заврши било каков вид на работа во овие институции, тоа да може да го направи сам, без ничија помош. И ова, за жал, кај нас го нема“, вели Мехмеди.

Касами: Во тек е изработката на планот за мобилност за оваа прашање

Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, за Порталб.мк изјави дека општината е во тек на изработка на планот за мобилност, кој е дел од генералниот урбанистички план на Тетово.

Градоначалникот на општина Тетово Билал Касами придружуван од првиот човек на СВР Тетово и директорот на JП Градски паркинг. Фото: Енис Шаќири/Порталб.мк

„Во рамките на планот за мобилност се предвидени сите форми на движење на граѓаните и автомобилите, а во овие рамки ќе се изврши и една посебна студија за лицата со посебни потреби за и тие да имаат пристап до сите улици и тротоари на Општина Тетово, но и до најважните институции“, рече Касами.

Касами најави дека општината и претходно имала ваков проект, за лицата со посебни потреби, со финансирање од странство, но за жал, како што рече тој, истиот не бил реализиран.

„Имавме проект со надворешно финансирање, но за жал не се реализира. Сега во рамките на планот за мобилност ќе се преземат конкретни чекори за пристап на овие граѓани до надлежните институции, како и за нивна безбедност и мобилност по улиците на Тетово“, рече Касами.

Потсетуваме дека во една дебата за овие проблеми во октомври 2023 година градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, изрази подготвеност да работи во оваа насока во Тетово, но состојбата на терен останува непроменета.

Институциите молчат

Порталб.мк се обрати до тетовската болница за да поразговараме за инфраструктурните услови што ги има оваа здравствена установа за лицата со посебни потреби, но одговор не добивме ниту на меил ниту на телефонските повици.

И од полициската станица во Тетово не успеавме да добиеме никаков официјален одговор, но при неформални разговори со тамошните вработени рекоа дека и тие малку промени што се направени се направени „самоиницијативно“.

„Свесни сме за предизвиците со кои се соочуваат луѓето со посебни потреби кога ја посетуваат нашата станица. Сепак, можам да потврдам дека има некои посебни услуги за лицата со посебни потреби, како што е издавањето на патните исправи. За овие случаи службениците одат на нивната адреса за да ги фотографираат и продолжуваат со процесот на вадење документи, со што им се олеснува еден голем и важен дел од постапката“, изјави еден полициски службеник.

Само две пријави за дискриминација

Преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) дознавме дека во Тетово од 2021 година до јуни 2024 година имало само две пријави за дискриминација од страна на лица со посебни потреби.

„Од општина Тетово се поднесени две пријави во периодот од 2021 година до јуни 2024 година“, соопштија од КСЗД.

Во меѓувреме, на државно ниво во однос на дискриминацијата на лицата со посебни потреби, од 2021 година до јуни 2024 година се поднесени 38 пријави.

„Осум имало во 2021 година, 15 во 2022 година, 9 во 2023 година, 6 во 2024 година. Дискриминација врз основа на попреченост е потврдена во 14 случаи. Три од случаите на дискриминација поради инвалидитет се констатирани во тековната 2024 година“, изјавија од КСЗД.

Овој проблем присутен во целата држава, ЕУ со критики

Овој проблем не е присутен само во Тетово, туку во сите градови во државата. Поради ова земјата постојано добива критики од ЕУ. На пример, Европската Унија, во својот Годишен извештај за човековите права и демократијата во светот за 2023 година, нагласува дека прашањето за дискриминацијата и маргинализацијата на лицата со попреченост останува проблем за кој се потребни решенија.

Потсетуваме дека во декември 2024 година, Владата на Република Македонија ја усвои Националната стратегија за правата на лицата со посебни потреби 2023-2030 година, со Акционен план на националната стратегија за 2023-2026 година.