Нема докази дека шумските пожари се предизвикани за странци да постават фотоволтаици

Тврдењата дека „пожарите ги палат за на нивно место да никнат фотоволтаици“,  се неосновани и непоткрепени, пишува Вистиномер

Фото: ЦУК

Медиумите изминатите недели известуваат за бројни пожари со различни причинители, а за дел од нив причините не се ниту откриени, ниту пак, има осомничени. Точно е само дека има сомнежи дека најголемиот дел од нив се предизвикани од човечки фактор но без да се знаат мотивите ниту дали се работи за невнимание или за намера. Тврдењата дека „пожарите ги палат за на нивно место да никнат фотоволтаици“,  се неосновани и непоткрепени, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Шумите ги палат за странски фирми фотоволтаици да си градат. Бизнис на новата антимакедонска влада.

Објавата се однесува на неодамнешните серии пожари на различни локации во Северна Македонија, кои  се проширија на најразлични подрачја, од села во скопско, до национални паркови и заштитени подрачја.

За дел од овие пожари (многу мал дел) има осомничени и обвинети лица, меѓутоа нема ниту еден доказ или индиција дека „пожарите се за странски фирми да градат фотоволтаици“. Станува збор за паушално обвинување и навод за кој нема никакви докази или факти. Дел од овие пожари се случија во централни населени населби, каде што нема ниту простор ниту услови за изградба на фотоволтаици како на пример овој.

Имаше пожар и во национални паркови, каде исто така не би можеле да се постават фотоволтаици.

Втората карактеристика на овој пожар, особено од охридска страна е што се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од војните кои се воделе на овој регион и фронтовата линија. Тоа дополнително го отежнува гасењето на овој пожар бидејќи мораме да почекаме истиот да се приближи кон шумата каде што е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас, каде има претежно трева и грмушки и друга ниска вегетација, гасењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии, истакна директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против татко и двајца синови за предизвикување општа опасност во местото викано Патишка Река.

Откако спроведе претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против три лица – татко и неговите два сина, кои се товарат дека заедно сториле кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. За сите тројца е доставен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор. Тројцата соизвршители, на 9 август предизвикале пожар на шумско земјиште во државна сопственост, во месноста викана Дупки, во атарот на селото Патишка Река, општина Сопиште. Со запалива течност – моторно масло и бензин полеале и запалиле нискостеблеста шума и суви треви, предизвикувајќи општа опасност за животот и телото на луѓето и за имот од големи размери.Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидецизвести Обвинителството.

Има и случај каде на Галичица бездомник сакал да се стопли, па запалил оган. Тој тврдел дека немал намера да предизвика пожар. Неколку од пожарите биле предизвикани и од удар од гром.

Тоа дефинитивно не оди во прилог на неоснованите и непоткрепени тврдења дека „пожарите ги палат за на нивно место да никнат фотоволтаици“.

Медиумите изминатите недели известуваат за бројни пожари со различни причинители, а за дел од нив причините не се ниту откриени, ниту пак, има осомничени. Точно е само дека има сомнежи дека најголемиот дел од нив се предизвикани од човечки фактор но без да се знаат мотивите ниту дали се работи за невнимание или за намера.

Инаку што се однесува на фотоволтаичните централи, инвеститорите веќе се жалат дека добивањето дозвола не е лесно.

Еден од нив за Радио Слободна Европа тврди дека му биле потребни 40 документи, одобренија, согласности, проекти, дозволи и лиценци за што потрошил 2 до 3 години.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Нема докази дека пожарите во шумите се предизвикани за странци да постават фотоволтаици.