Нема докази дека мајка платила казна во Германија оти одбила да го облече синот како девојче

Фото: Исечок од рецензираното видео

Училиштата се толку многу чувствителни на темата, така што она што е кажано (во видеото н.з.) е невозможно да се случило дури и на ниво на училиште. Наредба од федерално Министерство за образование врз покраината е нешто што е комплетно апсурдно, изјави за Вистиномер портпаролот на Постојаната конференција на министри за образование во Германија, Торстен Хеил, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува видео од жена која зборува на српски јазик и објаснува дека живее во Германија. Во видеото неименуваната жена вели дека платила 263 евра казна во Германија оти одбила да го испрати својот син во училиште облечен како девојче.

Живеам во Германија и син ми има 8 години. Од Министерството ни стигна писмо дека децата во вторник треба, ако имаме син, да ги облечеме во фустан, а ако имаме ќерка да се облече како момче. За да дознаат децата дали се од машки или од женски пол бидејќи веќе нема „ние имаме ќерка или син, туку сите имаме деца“ и тие деца може самите да одлучат од кај пол се. Бидејќи на наставничката ѝ кажав дека не сакам син ми да го облечам во фустан, бидејќи тој сака да носи дрес од Роналдо или Меси и дека тој знае со сигурност дека е момче и сака да игра фудбал и дека нема потреба да облекува фустан да размисли дали е девојче или не – морав да платам казна од 263 евра зошто син ми не отиде во училиште облечен како девојче. Затоа сакам да се вратам бидејќи не сакам детето да ми биде нешто што не е, вели жената во видеото.

Вистиномер се обрати во германските образовни институции за да провери дали е вистина дека министерството испратило вакво писмо до било кој родител.

Од федералното Министерство за образование и наука (Bundesministerium für Bildung und Forschung) ни одговорија дека федералните покраини се одговорни за училишното образование. Оттаму нè упатија прашањата да ги испратиме до Постојаната конференција на министрите за образование на покраините односно до Standing Conference of Länder Ministers of Education (KMK).

Постојаната конференција на министрите за образование на покраините КМК е состав од министрите или сенаторите на федералните држави одговорни за образование.

Од 1990 година наваму, Федералната Република Германија има 16 покраини или на германски јазик познати како Länder. Во ова тело има претставници од сите покраини во Германија. Неговата агенда е да адресира образовни проблеми од регионално значење со цел да се формираат заеднички ставови и претставување заеднички цели. Секоја покраина има претставници во ова тело, за да се овозможи заеднички пристап во образованието во цела Германија. Едно од главните задолженија на Постојаната конференција на министри за образование е да користат консензус и соработка за да осигураат највисоко ниво на мобилност за учениците. Исто така, телото е задолжено да помогне да се создадат услови за еднакво живеење во Германија и да се промовираат заеднички интереси на федералните покраини на полето на културата.

Вистиномер се обрати до Торстен Хеил, лице за односи со јавност во Постојаната конференција на министри за образование КМК.

Тврдењето дека Министерството за образование пратило такво известување е погрешно. Во Сојузна Република Германија, одговорноста за образовниот систем е одредена од федералната структура на покраината. Освен ако основниот закон (Grundgesetz) не ѝ додели легислативни надлежности на Федерацијата, тогаш сојузните покраини имаат право да управуваат. Ова се однесува на училишниот сектор, секторот за високо образование, учењето за возрасни и продолженото учење. Администрацијата на образовниот систем во овие сфери е речиси ексклузивно прашање на секоја покраина. Дополнително, училиштата се толку многу чувствителни на темата, што она што е изречено (во видеото н.з.) е невозможно да се случило дури и на ниво на училиште. Наредба од федерално Министерство за образование врз покраината е нешто што е комплетно апсурдно, изјави за Вистиномер портпаролот на Постојаната конференција на министри за образование во Германија, Торстен Хеил.

Видеото е снимено во Ниш, пред продавница за чевли, на која пишува „намаление“ на српски јазик

Видео материјалот од објавата што ја рецензираме особено стана популарен во Србија, каде првпат беше и споделена, а потоа заврши и кај корисници на социјалната мрежа Фејсбук од Македонија.

Првпат беше објавен од страна на корисник на Твитер, кој тврди дека жената во видеото се вика Милка и дека таа живее во Германија. Српскиот весник „Данас“ пренесува изјава на медицинска сестра која живее во Германија која вели дека не чула за случаи во кои се бара децата да се облечат во облека од спротивниот пол, по што се наплаќа казна ако тоа биде одбиено.

Пред две години, имаше акција „Walk in her shoes“ со цел да се промовира еднаквоста на половите и правата на ЛГБТИ заедницата, па децата беа повикани да понесат на училиште штикли од своите мајки сестри, тетки или баби. Потоа беше организирана трка во штикли на 50 метри. Целта беше низ шега на децата да им се приближи идејата за еднаквост и да се промовира различноста. Немаше никакви принуди или казни, тоа беше сосема доброволно, а учесниците добија награди, вели за „Данас“ медицинска сестра која живее во Германија.

Жената во видеото што го рецензираме тврди дека живее во Германија и дека сака да се врати во Србија, меѓутоа самото видео е снимено во Србија, во Ниш пред продавница за чевли Цицибан, на чиј излог пишува намаление (снижење) на српски јазик и тоа може да се провери на „Гугл Мапс“ од каде е и фотографијата во продолжение.

Снимката се појави во Србија непосредно пред одржувањето на Европрајд настанот кој подоцна беше откажан.

Таа предизвика бројни коментари и реакции а српскиот политичар Драган Шормаз на Твитер напиша дека станува збор за Русинка вработена во хуманитарниот центар во Ниш. Вистиномер се обрати до овој центар, но не доби повратен одговор на прашањето дали ја познаваат жената и дали е вработена во нивниот центар. Оттука, не успеавме да го верификуваме нејзиното име, ниту пак дали навистина таа живее во Германија.

Меѓутоа, базирано на одговорите од германските институции, Вистиномер оценува дека нема докази дека таа платила 263 евра и дека добила писмо од Министерството за образование на Германија за да го облече синот како девојче, како што се тврди во видеото.