Визуелни елементи, изработени со алатки за вештачка интелигенција се користат како потврда дека Евреите се пријатели и финансиери на „сите антимакедонски партии“, што не е точно. А, всушност, станува збор за ширење говор на омраза против припадниците на еврејскиот народ на начин и со методи кои доведоа до геноцидот во Втората светска војна. За сето ова искористен е локален настан во Њујорк, кој се однесува на интерни прашања и несогласувања во рамките на една еврејска организација, какви што ги има многу ширум светот и која нема никаква врска со С. Македонија, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се тврди дека Евреи киднапирале и злоупотребувале деца, во пронајдени тунели под синагогата. И дека токму тоа движење ги финансира антимакедонските партии.
Во постот стои:
Еве ги Пријателите и финансиерите на сите Партии. Антимакедонски
Кои ви кажуваат во очи за фронт
ЕВЕ ВИ ФРОНТ
ПОЧНАТ Е
Покрај тоа, има и серија на визуелни елементи, кои личат како да се фотографии, а, всушност, станува збор за визуелни производи изработени со новите интернет софтверски алатки за вештачка интелигенција (ВИ). Постари Евреи во традиционална облека се прикажани како држат бебиња в раце или во присуство на деца кои излегуваат од подземен тунел, при што сите јасно имплицираат како небаре да станува збор за злоупотреба на деца и доенчиња, што претставува теорија на заговор преку која се шири на говор на омраза и познатите стереотипи за Евреите, чие присуство во глобалниот јавен дискурс е старо со векови и кои кулминација доживеаја во Втората светска војна со геноцидот против Евреите од страна на нацистите.
Ништо од ова не е вистина. Ниту текстот од објавата, ниту, пак, визуелните елементи изработени со ВИ. Нема никакви докази за злоупотреба на деца од страна на Евреите, ниту, пак, дека еврејското движење Чабад ги финансира „антимакедонските партии“. Ниту, пак, е јасно кои би биле тие партии, зaтоа што не е наведено.
Со пребарување на апликацијата TinEye нема извор за ниту ниту еден од визуелните елементи. Кога се пребарува на Google image search се гледа дека тие се споделувани од страна на корисници на Х мрежата (поранешен Твитер). Со истите фотографии креирано е и видео на Youtube. На социјалната мрежа ТикТок со првата фотографија е поставено видео во кое се тврди дека во тунелите под синагогата во Њујорк „монструозните Евреи“ киднапираат деца.
Теориите за заговор на социјалните мрежи со објави кои шират неосновани тврдења за тунелот, преполни со антисемитизам, ги поттикна веста за тепачката меѓу полицијата и верниците Евреи, кога беше откриен подземен тунел поврзан со историската синагога во Бруклин. Тунелот е во близина на седиштето од еврејското движење/организација Чабад во Њујорк и овој факт е искористен да се шири говор на омраза и невистини за Евреите.
Инаку, визуелните елементи од објавата се изработени со новите интернет алатки за вештачка интелигенција (ВИ) и тоа се забележува од грешките и недоследностите кои ги прави ВИ алгоритамот во визуелниот елемент долу. Како прво, севкупниот визуелен елемент е премногу „пластичен“ за да биде реалистичен, а особено станува јасно дека нешто не е во ред ако се погледнат деталите, како на пример рацете и сенките. И тука ќе се види дека на некои раце има по шест прсти (што е честа грешка на ВИ при генерирање на вакви визуелни производи), потоа некои прсти се неприродно издолжени, други се неприродно извиткани, а на некои им недостига дефиниција или, пак, маса. Ист проблем ВИ има и со сенките. Како што може да се види, на некои места има сенки надесно, додека на други места сенките паѓаат нанапред, а на трети места сенки воопшто нема. И оваа недоследност е вообичаена за вештачката интелигенција. Таа има проблеми да оцени што е природна позиција на рацете и која е нормалната бројка на прстите на една рака, како и да биде целосно консеквентна каде треба да паѓаат сенките и каде треба да ги има.
Конфликтот во Светското седиште во Чабад во Њујорк, кој служи како центар на влијателно еврејско движење Хасид, започна кога камион со цемент пристигна да го запечати отворот на тунелот. Поборниците на тунелот организираа протест и ја откорнаа дрвената ограда на синагогата. Полицијата излезе на местото на настанот и на крајот уапси девет лица.
Оние кои го поддржуваат тунелот рекоа дека спроведуваат план за „проширување“ којшто долго време го замислувал поранешниот шеф на движењето, рабинот Менахем Мендел Шнеерсон. Но, тоа не го спречи ширењето на објавите на социјалните мрежи кои лажно тврдат дека преминот е доказ за недозволени активности, како што е киднапирање и сексуалната трговија со деца.
Целата оваа епизода е неизмерно болна за нас, за еврејската заедница во целина ѝ за сите пристојни луѓе, изјави за Асошиетед прес рабинот Моти Селигсон, портпарол на Чабад.
Тој, исто така, истакна дека сензационализмот и грешките во медиумите „им обезбедија ‘храна’ на овие поединци кои тролаат на интернет“.
Голем дел од објавите по социјалните мрежи лажно тврдат дека тунелот бил поврзан со локален детски музеј. Фактите се поинакви, тунелот не е поврзан со Еврејскиот детски музеј, кој се наоѓа од другата страна на улицата од седиштето на Чабад.
Се верува дека преминот започнува во подрумот на празна станбена зграда зад централата, поминувајќи под низа канцеларии и предавални за на крајот да се поврзе со синагогата, рече за Асошиетед прес рабинот Моти Селигсон.
Истрагата на Одделот за градежништво во Њујорк откри тунел лоциран под седиштето, долг 18,3 метри и широк 2,4 метри, кој се протега под неколку згради во близина, поврзувајќи се меѓу отворите исечени во ѕидовите на подрумот.
Зградата на 770 Eastern Parkway беше купена во 1940 година, првата од она што ќе стане комплекс Чабад. Неговите горни катови служеа како дом за Шестиот Рабин на Чабад, или духовен водач, додека на првиот кат беа сместени канцеларии и главната синагога за движењето, според веб-страницата на Чабад.
Комплексот е почитуван еврејски локалитет, особено во рамките на движењето Чабад. Секоја година прима илјадници посетители, вклучувајќи меѓународни студенти и верски водачи.
Синагогата има големо значење за еврејскиот народ ширум светот, бидејќи учењата на Тора, кои произлегоа од неа, влијаеја и ја трансформираа еврејската заедница и општеството во целина на позитивен начин. И да се види оваа епизода искористена од антисемитските теоретичари на заговор само додава болка на раната, рече Селигсон, пренесе Вашингтон Пост.
Еврејскиот детски музеј се наоѓа на аголот директно на исток од седиштето на Чабад, преку авенијата Кингстон на 792 Eastern Parkway. Започна како изложба во конгресниот центар Џејкоб Џавитс во Њујорк во 1986 година и беше отворен како постојан музеј во 2004 година.
Тврдењата дека тунелот се користел за трговија со деца за секс или други недозволени активности, се неосновани и потсетуваат на познатите теории на заговор за синџирите за трговија со деца управувани од елитни јавни личности.
Точната цел и потеклото на тунелот останува предмет на понатамошна дебата, но нема докази дека бил користен за злобните цели со кои корисниците на социјалните мрежи лажно го поврзуваат.
Официјални лица и локалното население рекоа дека младите мажи во заедницата Чабад неодамна тајно го изградиле преминот до светилиштето.
Рабинот Селигсон ја окарактеризира изградбата како непријателски чин на вандализам извршен од група млади мажи, нарекувајќи ги „екстремисти“ кои се обидуваат да го „зачуваат својот неовластен пристап“ до синагогата. Оние кои го поддржаа тунелот, сепак, рекоа дека спроведуваат план за „проширување“ долго време замислен од Рабинот Шнеерсон, поранешниот шеф на движењето Чабад, пишува Вашинготн Пост. Шнеерсон го водеше движењето Чабад повеќе од четири децении пред неговата смрт во 1994 година, заживувајќи ја малата верска заедница која беше уништена од Холокаустот. Многу поддржувачи на изградбата на тунелот веруваат дека Шнеерсон е сè уште жив и дека тој е Месија. Оваа идеја во голема мера е отфрлена од Чабад и создаде раскол во движењето. Водачите на Чабад одбија да кажат кога го откриле тунелот. Но, неколку верници рекоа дека веста за неговото постоење се проширила низ заедницата во последните недели.
Од сето ова произлегува дека станува збор локален проблем во Њујорк, кој се однесува на релативно мала високо конзервативна и традиционална еврејска организација, која брои околу 5.000 семејства, од кои најголем дел се во Нујорк и САД. Сето ова кој нема врска со С. Македонија или, пак, со финансирање на партии во земјава и тоа особено „антимакедонски“ партии.
Финансирањето на политичките партии во С. Македонија е регулирано со закон и партиите се должни да поднесуваат детални периодични финансиски извештаи. Ниту сметководствени куќи, ниту, пак, Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој, исто така, периодично ги прегледува финансиските сметки на партиите во земјава не пријавиле дека партиите примаат пари од Евреи, не па од организацијата Чабад. Инаку, финансирање на политичките партии во С. Македонија од странство, односно од странски извори е забрането со законот. Во период на избори, пак, партиите се должни да отворат посебни изборни финансиски сметки и да поднесуваат финансиски извештаи и после првиот круг, како и веднаш после изборите до Државната изборна комисија (ДИК). И ДИК, како и ревизорските куќи и ДЗР, никогаш не нашле докази за финансирање на политичките партии од Евреи и тоа особено не од организацијата Чабад. И финансирањето на изборни кампањи, како и финансирањето на политички партии од странство, е, исто така, забрането со изборната регулатива.
Визуелните производи се креирани со новите интернет алатки за вештачка интелигенција и не претставуваат реални фотографии. Така што, носењето на бебиња во тунел од страна на Евреи во традиционална облека е измислица, која е само дигитално визуелизирана со цел да се шири говор за омраза против Евреите.
Што се однесува на нашата земја, во моментов, еврејската заедница во Северна Македонија брои околу 200 луѓе. Речиси сите живеат во Скопје. Заедницата е отворена во 11.03.2000 година во синагогата Бет Јаков и има центар на заедницата во Скопје. Заедницата, исто така, одржува врски со еврејските заедници во Белград и Солун, додека рабин патува во Скопје од Белград за да помогне во извршувањето на службите. Таа нема врска со ова движење со седиште во Њујорк. Ако се пребара сајтот на Чабад, Македонија се спомнува само во историски контекст и тоа станува збор за далечната историја, а Северна Македонија не се спомнува воопшто.
Поради изнесените факти оваа објава ја оценуваме како невистина.