Недела на неизвесности, предизборни блефови и проѕирни закани

Неизвесноста околу распишувањето на изборите изминатава недела повторно ја поткрена атмосферата во македонската политичка јавност. Експремиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев,  деновиве  најави дека е можно одложување на распишувањето на вонредните парламентарни избори договорени за 12 април, а најголемата опозициска партија возврати со иницијатива за распуштање на Собранието.

Можноста за одложување на датумот за распуштање на парламентот (официјалното распишување на изборите) Заев ја „фрли“ на маса по сведочењето за случајот „Монструм“ , кога порача дека „доколку опозицијата го блокира изјаснувањето на Собранието за законот за Јавно обвинителство  и ако тој не се усвои до 12 февруари, распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот ќе се одложат“. Но, притоа појасни  дека датумот на изборите не е загрозен, бидејќи тие се  распишуваат  од 40 до 60 дена пред денот на нивното одржување.

Заев го соопшти ваквиот став откако  опозицијата најави ново условување за законот за јавното обвинителство. Имено, иако во понеделникот на година требаше да се одржат средби на парламентарните групи за да се утврди текстот на законот за Јавното обвинителство, до тоа не дојде поради отсуство на претставници на работната група на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски излезе со тврд став дека поддршка на законот за јавно обвинителство ќе дадат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ само за решение кое е изработено од експертската јавност.

Па, додека опозицијата инсистира „тим од 6 угледни професори да го состави новиот закон за јавното обвинителство“,  власта е категорично против. Експремиерот Заев вели дека нема време за креирање на нов закон, бидејќи Европа чека резултати. Според Заев, треба да се искористи периодот и да му се даде аргумент плус на Брисел за одлука за старт на преговорите. Тој се надева дека ќе се обезбедат 80 пратеници, колку што се потребни за негово донесување, поради што се водат интензивни преговори, пред сѐ со пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за распуштање на Собранието на  12 ти февруари. Мицкоски ги повика сите партии да дадат поддршка за распуштање на Собранието.

Првата поддршка за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на парламентот дојде од  Алијанса за Албанците.

За СДСМ, предлогот на ВМРО – ДПМНЕ за распуштање на Собранието на 12 април претставува блеф  и тоа најмногу за да се избегне донесувањето на Законот за обвинителство. А дали СДСМ ќе гласа по предлогот, според координаторот на СДСМ Јован Митрески, зависи од тоа дали има исход за Законот за обвинителство.„

Спикерот Талат Џафери од поодамна го посочи 12 февруари како оптимален термин за распуштање на парламентот, а деновиве тој  изјави  дека останува на истиот став, а ако треба, сам ќе  го предложи тоа.

За парламентот да се распушти потребни се 61 глас, што теоретски би можеле да се обезбедат и без најголемата владејачка партија. По распуштањето на Собранието, спикерот Џафери треба да ги распише изборите. Од моментот на распишување на изборите почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија.