Наскоро се очекува решение за законот за јазици, вели Џафери

Наредните денови ќе има решение за законот за употреба на јазиците, а ако не се реши, тоа ќе значи блокада на Собранието, а тоа не и треба на оваа држава, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифингот за новинари.

– Се разговара, се бара излез од оваа ситуација, а јас и лично комуницирам и со претставници на ВМРО-ДПМНЕ кои ги поднесоа најголемиот број на амандмани. Ова прашање беше дискутирано и со европратениците. Наредните денови се очекува решение. Техничките услови одамна се исполнети. Треба да се најде решение од политички аспект. Не мислам дека расправата по амандманите е решение затоа што тоа ќе значи блокада на Собранието, нешто што не е добро и не и треба на оваа држава – вели Џафери.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието, Џафери вели дека посакува нивно што побрзо враќање и дека сите работат во таа насока.

– Тие ја блокираа работата на Собранието како солидарност со притворените пратеници, но гледаме дека и во таа насока има промени, па и аргументи по тој основ веќе нема да има. Блиску сме и до тоа – вели Џафери.

Процесот „Жан Моне“, ќе се одржи од 15 до 17 март во Охрид, но Џафери вели дека доколку тогаш не се обезбеди присуство на еврокомесарот Јоханес Хан и други високи претставници на ЕУ, тогаш средбите ќе се одолжат за мај.

– Теми на дискусија ќе бидат промените на Деловникот во однос на времетраењето односно злоупотребата на седниците како што имаше во минатото, планот „3-6-9“, етичкиот кодекс кој се однесува на поведението на пратениците, извештајот на Прибе, внатрешната сигурност на Собранието. Сега постои комуникација имаме со сите политички партии на сите нивоа, постојат разговори и за законите кои треба да се донесат со двотретинско мнозинство – рече Џафери.

Џафери информираше дека законот за АВМУ во Собранието пристигнал во петокот, а вчера бил пуштен до пратениците да го разгледаат и со тоа е влезен во законодавна процедура и Џафери вели дека ќе го стави на дневен ред на седница после 5 март.

Според претседателот на Собранието, треба да се створи нова перцепција во јавноста за работата на Собранието, поразлична од онаа до сега дека нон стоп треба да има седници.

– Со тоа ќе се влијае и на трошоците, не само патните, туку генерално трошоците потребни за одржување на седница. Еден ден работа во сала е 30.000 евра. Нема потреба од беспредметно дебатирање дење и ноќе, се само да се остави впечаток дека работиме. Ние работиме и кога нема седници – додава Џафери.