Народна банка смирува: Пропаѓањето на американската банка нема директни ефекти кај нас

Народна банка. Фото: Архива на Мета.мк

Пропаѓањето на американската Sillicon Valey Bank (Банка на Силициумската Долина) нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем, имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање, порача Народната банка на Северна Македонија.

Оттаму велат дека билансите на нашите банки „се исклучително солидни, високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио“, уверува Народната банка. Сепак, се вели во соопштението, Народната банка внимателно ги следи сите случувања.

Дополнително централната банка вели дека не се очекува последните случувања во американскиот банкарски систем да имаат ефекти врз финансиската стабилност во САД, како и дека не се очекуваат ниту позначителни преносни ефекти врз глобалната финансиска стабилност.

Инаку, веста за пропаѓањето на Банката од Силициумската Долина веќе предизвика позначителни падови на вредноста на акциите на други банки на светските берзи.

Акциите на банките паѓаат по колапсот на американската СВБ, Бајден уверува депозитите се безбедни