Над сто мртви делфини се пронајдени во реката Амазон во Бразил, според бразилската истражувачка установа Мамирауа Институт. Овој настан се забележува среде историска суша во Бразил. Температурата на водата во некои места во Бразил е рекордно висока на некои места на реката, постигнувајќи и температури од над 39 Целзиусови степени, известуваат од Си-ен-ен.
Забележани се и голем број мртви риби, особено околу езерото Тефе. Ајан Флајшман, истражувачка во Мамирауа Институтот, за Гардијан изјави дека се истражуваат различни причинители за смртните случаи, како болест или загадување на реката. Но, дополнува дека температурата на реката е „секако една од главните компоненти“ која се испитува. Локалните истражувачи истакнуваат колку е невообичаена и застрашувачка оваа бројка. Истражувачот Даниел Треџиџо вели дека „изминатиот месец во Тефе изгледаше како научно-фантастично сценарио за климатски промени“.
Се прават напори да се спасат некои од делфините со тоа што ќе се префрлат во делови од реката со пониски температури. Но, ова е исто осетлива процедура бидејќи не секогаш се знае точно со какви вируси може да се сретнат делфините во други делови од реката.
Повисоките температури имаат и економски последици. Во сувата сезона, длабочината на Амазон е во просек за 4,4 метри помалку длабока во споредба со нејзината најголема длабочина во дождовната сезона. Оваа година, се забележува разлика од 7,4 метри меѓу сегашната длабочина и таа во дождовната сезона. Оваа состојба ги издолжува патувањата со брод поради тоа што тие треба да минуваат низ кал; пат кој претходно траел 3 саати сега може да трае цел ден. Ова претставува проблем и за граѓаните на Тефе кои зависат од водните патишта за снабдување со храна.