На Плаошник одбележан 24 Мај, Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Фото: Влада на РСМ

На Плаошник во Охрид денеска се одржа централната манифестација за одбележување на 24 Мај Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Премиерот Димитар Ковачевски на настанот рече дека Плаошник е местото каде е основан и дејствувал Првиот словенски универзитет, и тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет.

„Токму на оваа македонска почва светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста од која што натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилметодиевското и црковнословенското наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонскиот народ“, рече Ковачевски во обраќањето.

Тој посочи дека ракописи од Охридската школа денес се наоѓаат во речиси сите позначајни светски библиотеки и установи.

„Убеден сум дека и Климент Охридски, еден од учениците на браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници – Мисирков, Конески, како и Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин денес би биле подеднакво горди со сите нас. Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик – јазикот е нашата целокупна татковина“, подвлече премиерот Ковачевски.

Денот на сесловенските просветители се одбележа со повеќе настани под мотото „Писмото е нашиот универзум“. Во хотелот „Инекс Олгица“ се одржа панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет”, а претходно, Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, положија свежо цвеќе и оддадоа почит на споменикот на светите браќа Кирил и Методиј на градскиот плоштад во Охрид.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во честитката по повод Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, до архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан, членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, свештенството и монаштвото, како и до сите православни верници во нашата земја го нагласи огромното значење на Кирил и Методиј во создавањето на првото словенско писмо во коешто се наоѓаат корените и на македонската писменост.

„Со оглед дека развојот на словенската писменост, а со тоа и на македонската писменост, продолжува да се одвива на македонска почва под закрила на Охридската архиепископија, духовно-просветителското наследство на светите браќа Кирил и Методиј има безвременско значење и за нашата автокефална Македонска православна црква – Охридска архиепископија, која од лани  е признаена како рамноправна со сите православни цркви, заедно со македонската писменост, јазик, култура и идентитет“, стои во честитката на премиерот Ковачевски.

Претседателот Ковачевски, го честиташе и патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој во пораката до ректорот, Никола Јанкуловски, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите и до студентите истакна дека првиот државен универзитет во земјава е еден од столбовите на македонската државност, продолжувач на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј и нивните наследници, втемелени во создавањето на македонската писменост и стожер на културнообразовната и научната мисла и патоказ за развитокот на нашата држава.

„Денес, прогресивната, културнообразовна и научна мисла, повеќе од кога и да било е потребна за натамошниот напредок на Република Северна Македонија. Низ заедничката соработка, достоинствено го заштитивме нашиот македонски јазик и го поставивме на еднакво рамниште со официјалните јазици во Европската Унија. Светите браќа Кирил и Методиј нè задолжија да создаваме генерации кои се подготвени храбро да ги бранат и негуваат вредностите на својот народ, негувајќи го интеркултурализмот како цивилизациска придобивка“, пишува Ковачевски.