МОН: Ученичките и студентските стипендии и субвенциите за оброк ќе бидат исплатени до крајот на јануари

фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека исплатите за ученички стипендии, студентски стипендии во земјата и во странство и субвенциониран студентски оброк ќе се реализираат во текот на следната недела.

Основ за исплата, како што велат од МОН, е усвојувањето на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2023 година и Програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2023 година, кои веќе биле доставени до комисиите на Владата.

Програмите ќе бидат усвоени на следната владина седница, велат од МОН, по што министерството ќе ги подмири сите заостанати финансиски обврски кон учениците и студентите.

Стипендии досега, во декември, добија само дел од студентите и учениците кои го продолжија правото на стипендија, додека оние кои аплицираа на новите конкурси сè уште не ги добиле првите исплати.

И субвенциониран студентски оброк беше исплатен само еднаш – во декември и тоа за месеците септември, октомври и ноември. До крајот на месецов студентите треба да ги добијат декемвриските субвенции за оброк.