Модна дизајнерка со школо за шиење помага во решавањето на проблемот со менструалната сиромаштија

Фото: @majakotala.sewingtogether · Charity organisation

Модна дизајнерка наградена со „откритие на годината“ од Форбс за нејзиниот образовен проект кој учи жени кои не можат да си дозволат образование за шиење и дизајн, го насочи својот фокус да помогне во борбата против менструалната сиромаштија.

Маја Котала која потекнува од полскиот град Хорзов, го основаше дизајнерското училиште „Заедно шиеме“ во 2018 година, прво во Уганда, а потоа во Кенија, сега исто така ги ангажира своите студенти во изработка на обновливи перничиња за жени во рурална Кенија, пренесе полскиот портал ThefirstNews.

На веб-страната на Котала наведено е дека менструалната сиромаштија е глобален проблем што ги погодува жените ширум светот како и дека многу жени не можат да си дозволат да купат хигиенски влошки.

Во Кенија жените и девојчињата кои менструираат бараат алтернативни средства за справување со ситуацијата, многумина се принудени да се потпрат на нехигиенски методи како што се користење песок, пердуви или лисја или размена на валкани хигиенски влошки од други девојчиња и многу често го пропуштаат училиштето за целото времетраење на менструацијата.

Според студија изработена во 2016 година од консултантската фирма FSG за менструалната сиромаштија во Кенија, 65 отсто од жените и девојките не можат да си дозволат хигиенски влошки, а две третини од жените во рурална Кенија се принудени да се вклучат во сексуални средби во замена за влошки.

Поттикната од размерите на проблемот, Котала се ангажирала да најде полски компании кои ќе ги донираат своите производи, во партнерство со брендовите Nago, Pan Tu Nie Stal и KOKO World.

Дизајнерката вели дека ниту една жена не треба да се срами поради нејзиниот менструален циклус и само со заедничка работа можеме да се помогнеме да се промени тоа и да се создадат еднакви можности за сите жени и девојки ширум светот.

Врз основа на знаењето и искуството од Padding Africa за тоа како да се направат влошки за повеќекратна употреба, Котала ги учи ученичките на Sewing Together да ги шијат влошките, кои потоа се доставуваат до девојчињата во руралните заедници.

Влошките имаат внатрешна облога изработена од бамбус, а надворешната ткаенина е памучна, која со соодветна грижа овозможува перничињата да се мијат под ладна проточна вода по употребата и да се користат неколку пати во траење до една година. Тоа, според дизајнерката, ги прави не само за повеќекратна употреба, туку и еколошки бидејќи се направени без пластика.

За да го привлече вниманието на јавноста за проблемот со менструалната хигиена и да помогне да се донираат повеќе влошки за да им се помогне на повеќе жени, Котала ја организираше кампањата „Przypinamy-Pomagamy“ и продавајќи модни беџови и приврзоци со чија продажба од нив финансира комплет влошки за една жена.

Исто така, преку иницијативите што Котала ги спроведува преку „Шиеме заедно“ на жените и девојките им обезбедува и бесплатни шестмесечни курсеви каде ги учи да шијат на машини кои самата ги купила со средства од своите модните колекции произведени од девојчиња во училиштето.

Шиеме заедно се разликува од другите училишта каде жените мораат барем да платат за материјали, што го прави недостапен за жените што ги учи Котала. Таа во партнерство со етаблираната кениска дизајнерка Џуди Гитонга на ученичките им овозможува можат да одат и да работат таму и да добијат плата за нивната работа откако ќе го завршат курсот.

„Имам две цели за Шиеме заедно, едната е да помогнам што е можно повеќе жени, а за тоа ми требаат финансии, а втората е да станам етаблиран моден бренд во Европа и да им докажам на луѓето во Европа, потенцијалот на африканските жени“, изјави Котала за ThefirstNews.