МНР: Изјавите со запалива реторика не се во духот на европските вредности

Министерството за надворешни работи ја осуди изјавата на пратеничката на Албанија, Месила Дода, во која таа денеска при посетата на Дебар изјави дека Македонија не постои, дека тоа е стара албанска покраина и се вика Илирида.

„МНР на Република Македонија ги осудува јавните настапи со навредлива и со запалива реторика на официјални лица на Република Албанија, кои се однесуваат на Република Македонија. Неодговорните изјави на јавни личности, кои, по својата функција, налагаат и подразбираат одговорност за јавно искажаниот став, не се во духот на добрососедските односи и декларираните заложби за пријателство и за соработка меѓу двете земји и особено не се во духот на европските вредности“, се вели во реакцијата на МНР.

Од Министерството очекуваат официјалните лица во соседството, да се воздржат од потпалување на тензиите во регионот и порачуваат дека покорисно би било доколку нивната енергија би ја насочиле кон конструктивни предлози и иницијативи – со што би ја зајакнале соработката и довербата меѓу двете земји, би го подобриле стандардот на граѓаните, но и би ја забрзале европската интеграција.