Младинските организации се сретнаа со градоначалникот Шилегов

фото: Мета.мк

На иницијатива на Град Скопје, Националниот младински совет на Македонија денеска одржа консултатитвна средба за приоритетите и потребите на младите од главниот град. На средбата во канцелариите на „МладиХаб“ присуствуваа претставници од неколку младински организации кои пред градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ги истакнаа своите мислења за градските младински политики, но и укажаа каде градот може и треба да вложи во иднина.

Шилегов изрази задоволство од досегашната соработка со младинските организаци и здруженија, но најави и зголемена поддршка за младинските активности.

Скопскиот градоначалник пред претставниците на организациите ги истакна ангажманите и заложбите на градот во однос на младинските политики, спортот и културата.

„Изминативе речиси 4 години променивме многу нешта во начинот на кој функционира градот и уште многу ќе менуваме, особено во делот на младинските политики. Во 2018 година кога за првпат го распишавме јавниот повик за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите од интерес на Град Скопје беа доделени 1.000.000 денари за финансирање на 16 здруженија кои учествуваа на овој повик со квалитетни проекти. Затоа, во 2019 година ги зголемивме средствата за овој повик на 1.781.000 денари кои беа распределени на 24 здруженија. Во 2020 година, која пак е позната како ковид година, повторно ги зголемивме средствата, овој пат на 3.220.000 денари кои минатата година беа распределени на вкупно 51 проект од интерес на младите од разни здруженија и поединци“, истакна Шилегов.

Тој вели дека не недостасуваат млади со идеи и визија, туку е потребно некој да го препознае тој квалитет и да го стимулира на вистински начин.

Шилегов истакна дека со промената на статутот на Град Скопје се овозможи формирање на локален младински совет, кој е од исклучително значење за младинските политики во градот.

На средбата градоначалникот се осврна на неколку активности и проекти кои Град Скопје ги реализирал, а кои се особено атрактивни за младите. Како такви беа наведени Младинскиот културен центар кој нуди богата програма, потоа реконструкцијата на сите средни училишта кои добија енергетски ефикасни фасади и прочистувачи на воздух во училниците, патека на Водно за спортски велосипедизам ,како и бесплатниот автобуски превоз за сите средношколци и студенти.

Шилегов рече дека за време на падемијата, преку проектот „Култура во време на корона“ и „Спорт во време на корона“ биле поддржани над 200 млади спортисти  и уметници кои добиле симболични паушали во првиот бран на Ковид-19.

mladi hub
фото: Мета.мк

Претставниците на младинските организации ја истакнаа загриженоста од влијанието на пандемијата врз менталното здравје кај младите. Тие побараа стручните служби во училиштата во Скопје да се зајакнат со цел да им се даде поддршка и на учениците и на наставниците кои на различен начин се справуваат со целата ситуација.

На прашањето дали Скопје во блиска иднина ќе добие студентски град, Шилегов рече дека реализацијата на таков проект бара големи финансиски средства, а пандемијата наметнала трошења за други активности и проекти кои добиле приоритет за време на здравствената криза.