Министрите на ЕУ бараат Русија да прекине со нападите во Сирија

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија денеска на состанокот во Луксембург ја осудија руската воздушна интервенција во Сирија и ги повикаа сите сириски политички фактори, вклучувајќи ги и преставниците на владата на Башар ал-Асад, да почнат дијалог со кој би прекинало насилството.

– Неодамнешните руски воени напади кои не се насочени само на Исламска држава и на други терористички групи, туку се насочени и кон умерената опозиција, предизвикаа длабока вознемиреност и веднаш треба да престанат – порачаа министрите во заклучоците од седницата на министерскиот совет.

Министрите ги повикаа сите фактори кои имаат политичко влијание, вклучувајќи го и режимот на Асад, тоа влијание да го искористат за да се вклучат во напорите на Обединетите нации да најдат политичко решение за да се запре војната, во која досега загинаа 250.000 луѓе, а раселени се повеќе од 11 милиони.

Во министерското соопштение остро се осудуваат нападите на цивилите и уништувањето на светското културно наследство од терористите на Исламска држава. Тие најавија и зголемување на европските хуманитарни донации за бегалците во Турција, Либан и во Јордан.