Милошоски: СЈО повикува членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат исказ и ги уценува

Специјалното јавно обвинителство уште еднаш покажа дека е продолжена рака на СДСМ, обвини денеска на прес-конференција Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека овие денови од СЈО го смениле стилот на работа и од читање нарачани прес-конференции и обвиненија против членови на ВМРО-ДПМНЕ, сега се префрлиле во следна фаза на повикување на што поголем број членови на ВМРО-ДПМНЕ да дадат некакви изјави, сведочења или искази под притисок или уцена.

– Ваквите обиди СЈО да повика што е можно поголем број членови на ВМРО-ДПМНЕ и да ги принуди да дадат некакви лажни искази или изјави, нема да поминат и тие нема да успеат да ги заплашат или да ги демотивираат членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Членовите од тимот на Катица Јанева се служат со истите незаконски методи, со уцени и со лажни ветувања, се убедуваат да ги натераат граѓаните да се дистанцираат од ВМРО-ДПМНЕ и да даваат лажни искази. Најчесто, обвинителите на Јанева на лицата што се повикани од ВМРО-ДПМНЕ им викаат: „Никој нема да ти каже фала, доколку не дадеш соодветна изјава, биди паметен сега си повикан како сведок во СЈО и дај изјава како што ни е потребна, во спротивно, следниот пат ќе бидеш повикан како обвинет, тие нема да ти го гледаат семејството, ние можеме да ти помогнеме, ако дадеш добра изјава што ќе ни користи во обвинителството “, рече Милошоски.

Милошоски рече дека партијата во минатото се соочувала и со потешки притисоци и со поголеми предизвици и сите ги надминувала и излегувала и посилна и по обединета, а така ќе биде и овојпат.

„Правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ ќе им помогне на сите што биле предмет на какви било уцени, закани или притисоци од СЈО. За наредниот период во СЈО се повикани поголем број членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ и ние ги повикуваме да постапат во согласност со законот, да не подлегнуваат на притисоци што би можеле да ги доживеат во СЈО и да го пријавуваат секое незаконско дејствување“, рече Милошоски.