Милошоски: Кукавички поставена бомба во куќата на мојот татко

Во селото Ижиште вчеравечер екипи на крим-техника од Македонски Брод, Прилеп и од антитерористичка единица од Скопје успешно демонтирале бомба на задната врата во куќата на родителите на Антонијо Милошоски, објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ на својот профил.

Тој обвини дека „криминално-политичкото подземје кое се инспирира од „бомбите на мандатарот за Живот“, почнало да поставува вистински бомби со закани по живот кон неистомислениците“.

„Имале среќа и божја рака врз нив, и татко ми и мајка ми, што не турнале посилно кога отварале, а откако тој видел за што се работи, уредно пријавил. Очекувам сторителите да бидат пронајдени од надлежните органи. Заканата кон татко ми ја сметам за индиректна закана и притисок кон мене, поврзана со мојата политичка активност и мислење. Но, нема потклекнување, ниту повлекување. Борбата, со демократија, со говор, со став, со патриотизам за татковината, ќе продолжи со несмален ентузијазам!“, порача Милошоски на својот фејсбук-профил.