Мило Ѓукановиќ ја руши владата на Дритан Абазовиќ поради договорот со Српската православна црква

Извор на фотографија: Влада на РСМ

По само три месеци од нејзиното формирање, црногорската влада на премиерот Дритан Абазовиќ е на пат да го изгуби парламентарното мнозинство. Демократската партија на социјалистите (ДПС) на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ одлучи да ја прекине поддршката на владата на Абазовиќ поради напуштање на европската агенда, објави подгоричкиот весник „Побједа“.

ДПС веќе нареднава недела ќе го овласти нивниот пратенички клуб да преземат правни активности во Собранието на Црна Гора. Без пратеничките гласови на ДПС, владата на Дритан Абазовиќ нема парламентарно мнозинство за да продолжи да управува со земјата. Ваквиот потег на ДПС следи откако во петокот црногорската влада го усвои Договорот меѓу Црна Гора и Српската православна црква (СПЦ).

Од партијата на Ѓукановиќ додаваат дека договорот со СПЦ е изгласан од владата без претходна јавна расправа, додека владата на Абазовиќ го напуштила политичкиот договор за нејзиното формирање, а тоа е исполнување на обврските од агендата за интеграција во ЕУ.

Подгоричкиот весник „Вијести“ пишува дека по ваквата одлука, останува нејасно дали Црна Гора се движи кон предвремени парламентарни избори или кон формирање на ново парламентарно мнозинство. Клучно е како во претстојното гласање за доверба на црногорската влада ќе се постави партијата Демократи, на чија поддршка се надеваат и од ДПС на Ѓукановиќ и актуелниот премиер Дритан Абазовиќ.