Мицкоски и Пендаровски на различен колосек по вчерашната средба за настаните за 27 април

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (лево) и претседателот на државата Стево Пендаровси | Фото: Кабинет на претседателот

Кој што кажал внатре на средбата и надвор пред телевизиските камери, причина за денешните реакции на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателот Стево Пендаровски. Упадот во Собранието на 27 април 2017 година и казните за осудените лица остануваат централна точка на расправа меѓу нив.

Мицкоски во врска со вчерашната средба со претседателот Стево Пендаровски, рече дека Пендаровски изнел различен став од она што било дискутирано. Христијан Мицкоски истакна дека се работи за дволичност и очигледен бил притисокот кој се врши врз Пендаровски, иако на средбата имале усогласени ставови.

„Јас го разбирам нормално не можам да го оправдам бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите, но во ред битно е дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека сепак доколку имаме нови докази овој случај како и многу други случаи во минатото да започне од самиот почеток“, рече Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека требало да се почека конечно пресудата од второстепениот суд Апелација, која ќе ја добијат осудените лица и нивните бранители, и потоа, тие да можат да го користат вонредниот правен лек, односно да приложат нови докази.

По изјавата на Христијан Мицкоски, од Кабинетот на Претседателот на РСМ излегоа со реакција на кажаното.

„Ставовите на претседателот Стево Пендаровски за настаните од 27 април се кристално јасни на македонската јавност и тие воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицкоски“, се вели во реакцијата на претседателскиот кабинет.

Оттаму додаваат дека фактот што по вчерашната средба немало заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажувал само своите ставови и оценки за тие настани.

„Претседателот Пендаровски никогаш во јавноста не коментира детали и барања од своите соговорници, особено оние кои се надвор од темите најавени за разговор, така што тоа нема да го направи ниту овој пат“, се вели во соопштението.