Мета ги укина ограничувањата на профилите на Трамп на Фејсбук и Инстаграм

Профилите на Трамп, кои заедно имаат над 60 милиони следбеници, беа повторно отворени во минатата година, но подлежеа на дополнително следење, кое сега е дефинитивно отстрането

Фото: Гејџ Скидмор (Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America), CC BY-SA 2.0 , Викимедија комонс

Мета ги укина и последните ограничувања на профилите на Доналд Трамп на Фејсбук и Инстаграм во пресрет на претседателските избори во САД во ноември. Профилите на поранешниот американски претседател беа суспендирани во 2021 година, откако тој ги пофали поддржувачите кои упаднаа во Капитол Хил на 6 Јануари.

Профилите на Трамп, кои заедно имаат над 60 милиони следбеници, беа повторно отворени во минатата година, но подлежеа на дополнително следење, кое сега е дефинитивно отстрането, соопштуваат од Мета.

Компанијата информира дека има одговорност да дозволи политичко изразување и дека Американците треба да имаат можност да ги слушаат претседателските кандидати на еднаква основа, но додава дека и за кандидатите за претседател на САД важат истите стандарди на заедницата како и за сите корисници на Фејсбук и Инстаграм, дизајнирани да го спречат говорот на омраза и поттикнувањето насилство.

Откако се врати на платформите на Мета, на профилите на Трамп најчесто се објавуваат детали за кампањата, вклучително и напади врз неговиот ривал од претседателската трка, Џо Бајден. Трамп е првиот поранешен претседател кој е осуден за кривично дело, а исто така му беше забранет пристапот на Х и Јутјуб. Ограничувањата на овие платформи исто така беа укинати минатата година, но и покрај тоа Трамп сега комуницира на Truth Social, платформа за социјални медиуми што ја поседува, пред повторно да објави на другите мрежи. Трамп се врати на Х откако извршниот директор на компанијата Илон Маск организираше анкета меѓу корисниците за тоа дали профилот на Трамп треба да се врати, чии резултати беа во корист на поранешниот претседател.

Големите технолошки компании ограничувањата за Трамп ги воведоа по немирите во Капитол Хил во кои загинаа пет лица, а беа повредени повеќе од 100 полицајци. Трамп беше обвинет за поттикнување насилство и постојано ширење дезинформации.